Мицкоски: Наместо да го распуштат парламентот и да организираат избори, власта ја продолжува агонијата
Наместо да го распуштат парламентот и да се организираат предвремени парламентарни избори, власта ја продолжува агонијата со уставните измени. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски смета дека поедници од СДСМ и ДУИ од петни жили се борат да опстанат на власт за да не се откријат нивните криминали.
„Наместо да го распуштат парламентот, наместо сите заеднички 120 пратеници гласаат за распуштање на Парламентот и да организираме предвремени парламентарни избори оваа есен, тие ја продолжуваат агонијата кај граѓаните во Македонија. Зошто, затоа што неколкумина во раководството на СДСМ и неколкумина во раководството на ДУИ исплашени дека со новата политичка реалност ќе ги изгубат своите позиции на политичката сцена, а дел од нив ќе ги изгубат своите позиции внатре во партијата, а богами и привилегиите и можноста да го крадат народот преку наместени тендери, од петни жили грчевито се борат да нема предвремени парламентарни избори“, предупреди Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ реагира дека Владата на СДСМ и ДУИ не е европска , туку криминална и не ја поддржува. Тој нагласи дека никогаш нема да биде дел од како што вели онаа агенда која во своето множество опфаќа милионски имоти на млади господа во центарот на главниот град Скопје без да има јасно потекло како го стекнале тој имот;
Нема никогаш да бидам дел од онаа агенда која тие ја нарекуваат европска каде што се местат тендери во четири очи и се крадат граѓаните, каде што здравството е катастрофално, а пациентите умираат по ходниците, каде што учениците ги добиваат книгите на крајот на учебната година наместо на почетокот. Мојата, нашата, македонска агенда е токму онаа во која ќе се бориме против сето ова кое оваа влада го промовира. Македонска, вистинска агенда секогаш била, е и ќе биде дел од вистинската европска агенда, односно вистинските европски вредности кои треба сите ние да ги прифатиме“, потенцира Мицкоски
Премиерот Димитар Ковачевски претходно го обвини дека Мицкоски бил единствениот политичар кој сметал дека македонската агенда не бола иста со европската.