Мицкоски му кажа НЕ на Груби: Уставни измени во замена за избори- неприфатливо за ВМРО-ДПМНЕ
Уставни измени за избори- неприфатливо за ВМРО-ДПМНЕ. Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски порача дека такво нешто не доаѓа во предвид. Вели едноставно пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не биле избрани да преговараат дали македонските револуционери биле Бугари или не, или пак дали Илинденското востание било бугарско или не. Понудата на првиот вицепремиер, кој порача дека се подготвени да го распуштат Собранието и да одат на избори, ако се изгласаат уставните измени, нема да помине, порача првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ.
-Овие пратеници од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата не излегоа на избори да ветуваат дека ќе преговараат дали Гоце Делчев бил Македонец или Бугарин, не ветуваа на избори дали Илинденското востание е македонско Илинденско или бугарско преображенско. Овие луѓе ветуваа проекти, ветуваа поквалитетно образование, поквалитетно здравство, поквалитетна инфраструктура итн, ијзави Мицкоски.
Оваа понуда на Груби доаѓа во период кога опозицијата секојдневно објавува информации, каде постои сомнеж за направен криминал од страна на првиот вицепремиер. Најново е дека Груби се јавувал во Обвинителството во обид да спречи отворање истрага за криминал поврзан со него. Мицкоски порача дека тука нема да запрат, ќе објават се што имаат околу сомнежите за криминал сторен од власта.
-Тука нема да застанеме, ќе продолжиме и понатаму. Верувајте имаме доволно материјал, да ја запознаеме македонската јавност и кои се криминалците и кои се криминалните зделки на тие политичари. Дали го намалуваме коалициониот потенцијал, ќе каже народот на денот на избори, изјави Мицкоски.
Испрати порака до СДСМ и ДУИ, да прифатат избори во најбрз можен рок, односно мај оваа година, велејќи дека колку повеќе чекаат толку повеќе нивниот рејтинг само ќе паѓа.
-Секогаш кога тие мислат дека успеале да ја добијат довербата од 61 пратеник во Парламентот, губат дополнителни неколку проценти од нивниот рејтинг и тоа ќе го видат многу скоро од денеска, на следните избори, кога и да се случат, дали се предвремени или се редовни, кога ќе видат каков ќе им биде резултатот, изјави Мицкоски.
Мицкоски е уверен дека на парламентарните избори, кога и да се случат ВМРО-ДПМНЕ ќе добие огромно мнознинство од гласовите на граѓните и дека токму неговата партија ќе ја формира следната Влада.
Матеја Петровски