Мицкоски: Лустрација на сите политичари – еве, да почнеме од мене

Проверка на имотот на сите политичари, повторно отворање на сите процеси од минатото, зошто да постои селективна правда? Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски во „Отворено“ на Алфа порача дека е подготвен самиот да биде првиот политичар во Македонија на кој ќе му биде испитано целосното потекло на имотот, но дека потоа тоа треба да се направи со премиерот Заев како и со сите други политичари. Истакна дека во Македонија не смее да има селективна правда и треба да се истражат многу процеси во македонската историја за кои кај граѓаните постоја сомнежи за сериозен криминал.

-Ајде да ги лустрираме сите политичари, ајде да го провериме имотот. Ајде нека почнат од мене, јас сум година и половина претседател на најголемата опозициона партија, лидер на опозицијата, претходно сум бил директор на АД ЕЛЕМ, сум бил дел од кабинетот на тогашните премиери, еве нека почнат од мене, од имотот мој, од имотот на моето семејство и нека завршат со имотот на Зоран Заев. Нека завршат со имотите на сите поранешни политичари. Па да видиме зошто луѓето се комотни или не се комотни, ајде да видиме за сите процеси во минатото, да ги отвориме и да ги дискутираме. Зошто да дискутираме за бомбите од 2007 до 2015? Зошто да имаме селективна правда – рече Мицкоски во емисијата „Отворено“ на Алфа.

Мицкоски најави дека на лидерската средба в недела со Заев ќе зборуваат за три клучни прашања – претседателските избори, реформските закони и Специјалното јавно обвинителство.

– Очекувам на лидерската средба со Заев да разговараме за три значајни прашања. Претседателските избори кои следуваат како императив и предуслов за интегрирање во структурите на НАТО и ЕУ, па во делот кој се однесува на реформските закони, бидејќи досега имаше дијалог, тимови работеа на оние закони коишто можеме да кажеме дека се реформски, и ќе разговараме за СЈО и предлог-законот за иднината на СЈО, кој денес го добивме во работна верзија, изјави Мицкоски во емисијата „Отворено“ на ТВ Алфа.

Според Мицкоски, фер избори се услов за утврдување дали Македонија е општество кое треба да биде дел од ЕУ. Притоа упати забелешка дека власта веќе ги проблематизира преку нови вработувања, трансфери на пари и потпишување договори за закуп на земјоделско земјиште во предизборниот период. За СЈО рече дека не само што не ги оправдало очекувањата, туку е целосно разочарување, однос се покажа дека „проектот Катица Јанева и нејзината дружина, со исклучок на неколкумина, е комплетно завршена приказна“.

-Можам да кажам дека СЈО не само што не ги оправда очекувањата кога беше формирано, туку напротив целосно ги разочара и тоа е јасно видливо и на анкетите и оние мерења на мислења на граѓаните какви мислење имаат тие за СЈО, чија алатка, во чии раце е СЈО, вели Мицкоски.

Мицкоски запраша како СДСМ ги уверува граѓаните дека го зачувале идентитетот кога ги менуваат имиња на 136 институции и дополни дека целата постапка околу името се водела егзибиционистички, а решението кое го испорача Владата не ги заштити интересите на македонскиот народ и на граѓаните на Република Македонија. Појасни дека пред да се потпише Преспанскиот договор во Обединетите Нации стоеше македонски народ а не граѓани на Република Македонија преведено на шесте јазици и дека јазикот не беше со фуснота туку беше запишан како македонски.

Драган Милосављевиќ