Мицкоски контра Ковачевски: Буџетот не е развоен, а енергетската криза се решава со криминални тендери

Проектираниот буџет за 2023 година не е развоен туку инфлаторен, а справувањето со енергетската криза се подразбира преку тендери во четири очи,  реагира претседателот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски .  Наспроти фалбите на Премиерот Ковачевски во интервју за државната информативна агенција, дека Владата скроила буџет кој ќе одговори на кризата и ќе придонесе за економски раст, Мицкоски реагира дека приходите во буџетот ќе се собираат преку дополнително осиромашување на граѓаните.

Првата поента е кога вели дека ова е развоен буџет, ова не е развоен ова е инфлаторен затоа што основата на неговото димензионирање е инфлација. Тие  велат ќе имаме зголемени  буџетски приходи поради  зголемена инфлација и таа ја проектираат на ниво од 7,1 проценти што значи дека сиромашните граѓани дополнително ќе ги осиромашуваат и преку даноци ќе прибораат за нетранспарентно трошење, вели претседателот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Различните проекции на Премиерот и Министерот за финансии за растот на БДП е огромна грешка која кога ќе ја претворите во пари чини 100- ци милиони евра,  додава Мицкоски. Според лидерот на опозицијата, власта потфрлила во справувањето со енергетската криза, а набавката на енергенси се одвива преку тендери во четири очи.

Трансферите и дотациите кон општинити кои велат дека ќе се случат и тоа е голема лага, еве гледате од искуство кои се што значи тоа опструкции , притисоци, закани се се прави да се спречи развојот каде има градоначалници од ВМРО – ДПМНЕ. Справувањето со енергетската криза се подразбира преку тендери во четири очи за набавка на јаглен, трансфер на мазут и авансно херојско плаќање на фактурите за електрична енергија, додава Мицкоски

Предлог буџетот кој се уште е на амандманска расправа е историски највисок  и со рекордно задолжување. Сепак, од Владата тврдат дека скроиле Буџет кој е развоен, а и во ова интервју Премиерот уште еднаш повтори дека државната каса била скроена за справување со кризата, ќе се придонесело за економски раст, стабилност и ликвидност на компаниите.

Буџетската каса за следната година е проектирана така да може да обезбеди стабилност, сигурност, економски раст, заштита на животниот стандард и ликвидноста на компаниите во услови на криза.Гледано во износи, Предлог-буџетот за 2023 година има за цел да одговори на тековната криза, со 250 милиони евра директно наменети за справување со истата. Но, тој има за цел и да ја стимулира економијата, за да понатаму се постигнат посакуваните и потребни стапки од 5 проценти економски раст, вели Премиерот Димитар Ковачевски во интерју за МИА.

Од Владата постојано тврдат дека ниту еден граѓанин нема да остане сам во кризата, а тоа дека ќе има храна, греење и струја за сите стана нивно мото.  Ковачевски и сега повторно ги утеши  граѓаните дека никој немало да биде оставен сам да се справува со економско – енергетската криза.  Уште еднаш се пофали дека Владата донела два пакети од антикризни мерки , иако вториот пакет за помош опфаќа само  42.000 граѓани од најранливите категории  кои ќе добиваат скромни 3000 денари месечно во наредните четири месеци, а предвидени се средства и за пензионерите кои земат пензија до 14.000 денари месечно.

Advertisements