Мицкоски: Имаме докази дека пратениците кои гласаа за отворање на Уставот биле под притисок

Прашан како ги коментира одлуките на осумтемина пратеници на сега веќе независната пратеничка група на ВМРО ДПМНЕ кои на 19 октомври гласаа за отворање на Уставните измени, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во емисијата „Отворено на Алфа“ вели дека партијата има докази дека овие пратеници биле под притисок.

– Имаме една пратеничка која што гласаше за отпочнување на Уставните измени, но така жестоко ги напаѓаше на Комисиската расправа што просто не можам да поверувам дека таа е истата личност. Потоа истата таа пратеничка гласаше против дневниот ред на кој што точка беше отпочнување на уставните измени, за да видиме неколку дена потоа како таа пратеничка жестоко ги брани овие уставни измени. Потоа имаме пратеник кој што е потпишан на документ дека нема да гласа за уставните измени, а потоа гледаме дека тој пратеник гласа и тоа се случува за неколку дена, не месец или години претходно, рече Мицкоски.

Тој вели оти ВМРО-ДПМНЕ има докази, но прашува на кое судство да ги даде? Дали на она на Кацарска или на обвинителството на Русковска, додавајќи дека не очекува правда и правилна разрешница. „Но, ќе дојде денот кога сите докази ќе бидат презентирани на македонската јавност, што всушност се случуваше на тој црн петок, кој што ние го нарекуваме“, вели Мицкоски.

Во однос на отвореното писмо од екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, Мицкоски истакна дека единствен противник на граѓаните и на партијата е СДСМ на чело со Зоран Заев.

– За мене таа работа е завршена книга. Се обидувам да отворам нова книга, за мене политички противник е одродената и криминална влада на СДСМ предводена од аболираниот политичар Зоран Заев и се разбирам останувам фокусиран јас и соработниците секој оној кој што сака да допринесе во борбата против овие луѓе е добредојден, вратите се отворени немаме никаква фрустрација кон никого, напротив. Така што немам никаква дилема кој е нашиот вистински противник и вистински противник на граѓаните на Република Македонија и македонската нација. Останатите можат да лиферуваат лажни информации, можат да кодошат, да шпекулираат, можат да брифираат вака или онака. Можат да пишуваат писмо, јас ќе работам, ќе продолжам да работам, ќе продолжам да работам жестоко па ќе видиме на крај каква судбина ќе имам, порача Мицкоски.