Мицкоски: Изгласаа предавство на Македонија, но ќе победиме ние и народот

Уставот нема да се промени –  пратениците од ВМРО – ДПМНЕ потпишаа своеволни, неотповикливи изјави дека нема да поддржат гласање на Уставни измени со кои ќе се вметнат Бугарите во највисокиот конститутувен акт.

Лидерот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски реагираше дека во Собранието е направено предавство кон Македонија и  македонскиот народ, кој 13 дена и покрај сите притисоци остана на  улица. Власта не го послуша гласот на народот, но Мицкоски порачува дека ништо не е се уште загубено.

Народот може да биде спокоен, ова не е 2019-тата година. На иницијатива на пратениците како гаранција со која се обврзуваме пред граѓаните за ова наше ветување, со цел блокада на предавството на оваа Влада се изјавите на пратениците заверени на нотар, дека со мирна совест и здрава свест нема да прифатат промена на Уставот, а за тоа гарантираат со својата чест, совест и оставка која веднаш стапува на сила доколку тоа се случи. Јас верувам дека ниту еден пратеник нема да го одобри ова предавство и за тоа го имате и мојот збор дека тоа нема да се случи тоа. Ова се тие изјави, заверени на нотар, рече Мицкоски

Исполнувањето на Протоколот со Бугарија ќе значи преиначување на историјата како услов за влез во ЕУ. Мицкоски потенцираше дека додека не се исполнат овие барања нема да има почеток на преговори, а ВМРО-ДПМНЕ ќе се спротистави и нема да дозволи бугаризацијата да стапи на сила.

Сакам со особено чувство на гордост да му се заблагодарам на народот кој масовно и во огромен број излезе на улиците и со денови беше тврдината на непокорот кој покажа не само дека Македонија е жива, туку демонстрираше невидена енергија и волја за борба за својата иднина и за нашата татковина, и таму имаше Македонци, Албанци, Срби, Турци, Власи, Бошњаци, Роми и сите останати. Многумина приоѓаа и многумина даваа поддршка. Ова не беше битка ниту моја, ниту пак на ВМРО-ДПМНЕ, заслугата е на народот, илјадници мажи, жени и деца кои излегоа на улиците и кажаа што мислат за предлогот кој Владата решила да го турка, но и за се она што се случува овој период во Македонија, рече Мицкоски.

Конечно, лидерот на опозицијата порача дека барањето за предвремени парламентарни избори останува на маса затоа што мора да си замине власта која го направила најголемото предавство на државата и националните интереси.

Кристина Алексиеска

Поврзани вести