Мицкоски: Иако работат во тешки услови, општините со градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ, веќе имаат евидентни резултати од сработеното
Најмалку еден милион евра годишно за реализација на капитални проекти ќе добива малата општина Демир Хисар како финансиска инјекција од новата влада која за скоро ќе ја формира ВМРО-ДПМНЕ. Ова го порача денеска од Демир Хисар, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски откако вчера од Прилеп промотивно го најави новиот модел за реалокација на средства од централниот буџет во општинските буџети по промената на власта, во вкупен износ од над 250 милиони евра годишно.
„Тоа се пари кои што директно ќе бидат инвестирани за нови улици, за водводна мрежа, за канализациона мрежа, игралишта, рехабилитација на улици и.т.н., нешто што е суштински потребно за граѓаните насекаде во Македонија. Тоа се директни средства кои што ќе бидат реалоцирани од буџетот и кој што ќе бидат инвестирани овдека во Демир Хисар. Сметам дека на тој начин можеме да го подобриме квалитетот на живот на граѓаните“, -истакна Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Демир Хисар, како мала општина која што освен со безработицата и сиромаштијата, се бори и со загрижувачкото иселување на граѓаните, ама и со речиси никавата помош од централната власт, сепак полека почнува позитивно да се менува, уверува нејзиниот градоначалник, набројувајќи мноштво инфраструктурни проекти кои досега се реализирани, како и оние кои се во фаза на реализација.
„Мислам дека треба да се најави еден поголем инфраструктурен зафат во населените места Кутретино и Суводол, исто со сопствени средства, со средства од буџетот на општина Демир Хисар, планираме да изградиме и асфалтираме 9 улици во населените места Кутретино и Суводол. А во тек е и јавна набавка за пет детски игралишта, на фитнерс парк на отворено…Се’ на се’, јас сум презадоволен од она што оваа година го имаме постигнато како ЛС“, кажа Никола Најдовски, градоначалник на Демир Хисар.
Мицкоски, извршувајќи увид во досега сработеното во оваа општина, им порача на сите градоначалници од нивните редови, да одолеат на опструкциите и да го задржат ова темпо на работа, бидејќи, како што рече, деновите на оваа власт биле избројани. „Да издржиме сите заедно и да дојдеме до она што е многу важно – да ја ослободиме Македонија, а потоа храбро и чесно да влеземе во еден инвестициски циклус што ќе значи подобар живот за нашите сограѓани“, посочи Мицкоски.
Каролина Дурло
