Мицкоски: Заев со реконструкцијата најде покус пат парите да одат до Вицето

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денес беше во посета на Љубанци каде што присуствуваше на традиционалниот ручек во организација на УМС во манастирот Св. Јован.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски се осврна на најновиот предлог на владиниот состав, истакнувајќи дека сега парите директно ќе продолжат да одат кај Вицето, по покуса патека.

-Како најпрви ќе го победиме овој мал деспот овде во срцето на Балканот Зоран, Заев, видовме денеска конечно се потврди онаа наша максима дека сите пари ќе одат кај Вицето. Видовме денеска дека сите пари навистина ќе одат кај вицето.

Дека немаат ништо што да понудат кое што ќе значи развој, градење на општество каде што ќе имаме просперитет, каде што ќе имаме сигурна и загарантирана иднина. Туку себичен мал деспот од Балканот кој што не може да види ништо подалеку од сопствениот интерес и интересот на сопствената фамилија. Најпрвин треба него да го победиме, ама не да го победиме така што ќе имаме пирова победа туку треба да го победиме и да го пратиме каде што му е местото на темната страна на историјата, изјави Мицкоски.

Тој посочи дека смената на Тевдовски од првото место во министерството за финансии е тргање на маската, зад која сега и официјално стои Заев.

-Народот се спротивставува на пеплосувањето и уништувањето кое го прават луѓето од Власта. Народот е против деспотизмот на Заев кој е лидер на СДСМ, во исто време премиер, а денес официјално дознаваме дека ќе биде и министер за финансии. Ако овој претходниот за финансии му беше маска, денес гледаме дека веќе таа маска ја нема, а виновникот за целата сиромаштија и несреќа на народот продолжува да биде Зоран Заев. Само се стеснува кругот на криминалот и на тоа дека сите пари одат кај Вицето, изјави Мицкоски.

Мицкоски истакна дека Гоце Делчев е нашиот херој, и непокор, наспроти тврдењата на Пендаровски.
-Бидејќи несреќата на народот лежи токму во Зоран Заев кој насекаде околу себе поставува клонови кој и самите си велат дека потполно се исти како нивниот лидер. Ова го збореше и Пендаровски кому гледаме дека не му е јасно чив бил Гоце, а Гоце Делчев е нашиот непокор, сила и херој кој го има во нашата химна.