Мицкоски: „Еурокомпозит“ е уште еден пример за црното владеење на Владата

За неисполнети ветувања на власта, пишува и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Фабриката „Еурокомпозит“, е уште еден пример за црното владеење на оваа влада, уште една измама, и упропастена надеж, пишува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, на својот фејсбук профил. Мицкоски потсетува, дека на 24-ти октомври минатата година, премиерот Заев се сретна со вработените од „Еурокомпозит“ –  Прилеп, и им вети исплата на заостанатите плати, и трајно решавање на проблемот, со статусот на оваа компанија.

Месеците поминуваа – додава Мицкоски, и платите повторно доцнеа, а решението е се подалеку. На 3-ти јуни оваа година, околу 300 вработени, повторно добија нова надеж, овојпат од  вицепремиерот – Кочо Анѓушев, кој изјави, дека има заинтересирани инвеститори за „Еурокомпозит“ и “Колска“.

Пет  месеци по ова ветување,  нема инвеститор, за ниту една од овие компании, а вработените, се подлабоко тонат во разочарување, креирано од оваа неспособна влада, наведува Мицкоски во објавата на фејсбук. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ додава, дека ноември 2018-та година, ја открива болната реалност – вработените на „Еурoкомпозит“ се вратени дома, а во погоните, е исклучена струјата. Мицкоски потсетува, и на, како што ги нарекува претходните лаги на Владата – пропаста на Југохром, лагата за влезот на Google и fb, и многу други. Редицата е долга, а надежта – се помала. Тоа ќе се промени, само, кога оваа власт ќе си замине, додава Мицкоски.