Мицкоски: Единствената цел на ДУИ е да ја намали победата на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ веќе не е фактор, тие се завршена приказна
Единствената борба ДУИ е да ја намали победата на ВМРО-ДПМНЕ на следните парламентарни избори, со цел да не може најголемата опозициска партија сама да формира Владата, СДСМ веќе не е никаков фактор и не се прашува за ништо, вели лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, коментирајќи ги оставките на министрите од партијата на Ахмети. Вели дека на нив не треба да се гледа сериозно, бидејќи ставот на ВМРО-ДПМНЕ е јасен, а тој ќе го видат сите на 18-ти август, кога уставните амандмани ќе бидат на пленарна седница во Собранието. Мицкоски јасно порача дека уставни измени нема да има.
-Кај нив е важно посебно кај ДУИ, СДСМ и така е веќе завршена приказна, колку е можно помал број пратеници ВМРО-ДПМНЕ да освои на следните парламентарни избори, и да се доведе ситуацијата да не може да направи Влада без ДУИ. И во таа кампања СДСМ е тотално неупотреблив повеќе, затоа они се обидуваат со т.н. политички партии кои што се опозиција на опозицијата да го напаѓаат ВМРО-ДПМНЕ, изјави Мицкоски.
Мицкоски потенцираше дека она што актуелната власт го договорила со Бугарија удир директно врз националните интереси на Македонија и не може да биде прифатен во државава. Вели посебен проблем во иднина ќе биде што СДСМ и ДУИ веќе ги срушиле позициите на Македонија и во преговорите кои во иднина ќе ги води следната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, со помош на македонските власти, Бугарија влегува во многу подобра позиција на Македонија.
-Они не знаат што прават и мислам дека дополнително ја отежнуваат работата, затоа што знаат дека се на одење, и некоја идна Влада на ВМРО-ДПМНЕ, која што ќе седне и ќе го решава овој проблем, достоинствено како што треба да го решава, ќе има потешка почетна положба. Тоа е исто како вие да трчате на 100 метра, ама едно е ако почнете од нула и да имате рамен терен, друго е ако почне он од 50-от метар, а вие тргнувате од нула, нормално е дека ќе истрча побрзо, изјави Мицкоски.
Мицкоски е на ставот дека парламентарните и претседателски избори следната година мора да бидат во ист термин, а не како што сака власта посебно, иако се во само два месеци. Според Мицкоски, покрај тоа што два изборни процеси скапо ќе ја чинат државава, Македонија нема ни време толку време да поминува во кампања. Вели неуспешен ќе биде планот СДСМ и ДУИ, со заеднички кандидат да победат и на тој начин да го срушат рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ.
-И тој блок ќе победи и бранот што ќе го креира тој блок ќе го поклопи ВМРО-ДПМНЕ на парламентарни избори. Ама тука забораваат две работи, дека не се тие фактор во тој случај, не зависи од нив ништо. Победник на следните претседателски избори во март ќе биде или кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ што ќе го предложи или нема да имаат успешни избори, изјави Мицкоски.
Мицкоски потенцираше дека поразителна е состојбата и со македонското правосудство. Вели дека обвинителите и судиите пропуштиле шанса да ја докажат својата професионалност, вовлекувајќи им се на политичките елити.
Матеја Петровски