Мицкоски до СДСМ: Земјоделците не само што нема да им ја дадат довербата на 21 април, туку ќе им покажат и каде им е местото

Овие политички измамници кога беа опозиција ќе ве потсетам што ветуваа на истите овие плоштади и улици. Ветуваа загарантиран откуп, повисоки субвенции за земјоделците, денеска во Ресен ги сечат дрвата затоа што 1 денар е 1 килограм јаболка. Затоа што се полни амбарите во Кочани со ориз, затоа што нема кој да го откупи тој ориз, исто беше и во Малешевијата со сливите, денеска го гледам оној министер од Дубаи долетал со авион и нови патики, па се фали како ќе имало субвенции и откуп. Се разбира неколкумина слуги седнале околу него и му климаат со глава, ова вечерва на митингот во Берово го истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

-Не е чесно кога сте опозиција за таа пуста позиција и фотелја да ветувате и да го лажете сопствениот народ, а потоа кога ќе треба тоа да го испорачате никаде да ве нема. Замислете вчера откако долета од Дубаи дотеран со новите патики му текна дека треба нешто да сработи па на тутуно производителите им исплати субвенции, па излезе и се фали на три четири дена пред изборите. Ние не ве критикуваме, ние ве охрабруваме да го исплатите трудот на земјоделците иако се избори. Нас не боли и пече што мислите дека на тој начин ќе тргувате со гласот на земјоделците, вели Мицкоски.

Тој додава дека земјоделците не само што нема да им ја даде довербата на 21 април, туку ќе им покажат и каде им е местото, а тоа е темната страна во историјата со невиден пораз.

-Го потценивте и го навредивте чесниот македонски земјоделец, земјоделците во Македонија знаат дека доаѓа правдата за да ја победи неправдата која што вие секојдневно ја ширите во Македонија. Неправда е кога се колнете во дедовината дека ќе го заштитите идентитетот, а прва работа кога ќе дојдете до фотелја, го продавате идентитетот, истакнува Мицкоски.