Мицкоски до Мичел: Договорот со Грција е неприфатлив за огромното мнозинство граѓани, што се покажа и на референдумот

Се надевам дека многу скоро Македонија ќе биде дел од НАТО и ЕУ семејствата, но горда и достоинствена, а не понижена, обезличена и омаловажена, вели во својот одговор до помошник државниот секретар на САД за Европа и Евроазија, Вес Мичел, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

-Процесот на преговори беше воден без создаден амбиент, авантуристички, манипулативно сокриен од јавноста, без вистинска стратегија и со лажни пораки. Во целиот тој период на преговори, детализирање и начинот на доаѓање до договорот ние како најголема политичка сила бевме исклучени, бевме надвор од процесот и не бевме консултирани, пишува Мицкоски.

Мицкоски во писмото вели дека овој договор е штетен за интересите на нацијата и татковината и како таков е неприфатлив за ВМРО-ДПМНЕ и за огромното мнозинство граѓани, што впрочем било покажано со референдумот.

-И покрај бруталното и насилничко полнење на кутиите од страна на луѓе блиски до Владата, сепак на крај не успеаjа во намерата да обезбедат ни приближно услови за да референдумот биде прогласен за успешен. Имаме места каде што брутално и насилно се полнеа кутии и излезеноста е поголема од 90%, иако долгогодишниот просек не надминува 45%, пишува Мицкоски.

Мицкоски се осврна и на ставот на пратениците од опозициската партија.

-Што се однесува до делувањето на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во однос на уставните измени кои во моментот се во Собраниска процедура истото е плод на нашиот претходен став дека договорот не можеме да го прифатиме, кој беше едногласно прифатен вклучително и од пратеничката група, а притоа црпејќи го легитимитетот од референдумот кој се случи, напиша Мицкоски.

Инаку, Вес Мичел во писмото до ВМРО-ДПМНЕ вели дека е разочаран од позициите на челниците на партијата, како во однос на референдумот, така и во врска со чекорите во Собранието за промена на Уставот.

-Уште од осамостојувањето на Македонија, граѓаните од сите заедници и партии, вклучувајќи ја и Вашата, силно го поддржуваат пристапувањето на земјата кон НАТО и кон ЕУ. Сега Собранието е на ред да го преземе следниот, одлучувачки чекор. Ве поттикнуваме да создадете простор, во јавноста и приватно, за пратениците од Вашата коалиција да одлучат како ќе гласаат за уставните промени, ослободени од закани од насилство, одмазда, или друг облик на принуда, напиша Вес Мичел во своето писмо

Матеја Петровски