Мицкоски го повика Ковачевски да се вразуми: Има уште четири дена, народот бара промена на власта

Димитар Ковачевски има четири дена да се вразуми и да прифати лидерска средба за предвремени парламентарни избори, порачува лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски. Вели дека тие како народна партија го слушаат гласот на граѓаните, а најголемиот дел од нив бараат заминување на СДСМ од Илинденска.

-Но едно знам дека граѓаните 3 четвртини од нив, би рекол повеќе од 75 проценти мислат дека државата оди во погешна насока, дека треба оваа Влада да си оди. Јас можам само уште еднаш да подадам рака бидејќи до 10-ти имаме уште околу четири дена, ако не се лажам да размисли да се вразуми. Има околу него советници што сега му велат како ти ќе седиш со Христијан ќе збориш за предвремени избори, изјави Мицкоски.

Премиерот Ковачевски пак не сака да слушне за лидерска на која единствена тема би биле предвремените парламентарни избори. Прифаќа да седне на маса со Мицкоски, но доколку се разговара за други теми.

-Уцена со одбројување, пет дена, четири дена, единствена точка на дневен ред предвремени избори, таква средба не може да има, затоа што не може да биде единствена точка предвремени избори. Владата има зголемена парламентарна поддршка во Собранието визави претходната Влада, сега има 64 пратеника поддршка, дополнително уште една партија која што се придружи на коалицијата и не постојат никакви ограничувања за носење на потребните одлуки за граѓаните, изјави Мицкоски.

Лидерска прифаќа и првиот човек на ДУИ, Али Ахмети, но тој би разговарал за спорот со Бугарија.

-Блокадите не се категорија за унапредување на демократијата, таа се унапредува со дебати и компромиси. Мислам дека самите средби немаат ништо лошо во себе, но не со условувања и уценување. Сепак, за одредени, важни теми што имаат за цел унапредување на домашните политика, може да има вакви средби. добро е да има консултации за тоа како ќе напредува спорот со Бугарија, спорот што нас не` блокира кон отворање на преговори со ЕУ и секако дека нам во земјава ни треба етнички и политички консензус. Во ваква ситуација може да има дебата, средби, но не и блокада. самите блокади се пречка за натамошно напредување, изјави Ахмети.

ВМРО-ДПМНЕ и даде рок на власта до 10-ти мај да одлучи дали ќе го прифати барањето за одржување на лидерска средба на која ќе се договори датум за предвремени парламентарни избори. Доколку ова барање на биде прифатено опозицијата ќе ја бојкотира работата на Собранието.

Матеја Петровски

Поврзани вести