Мицкоски: ВМРО ДПМНЕ e против Договорот од Преспа, така и ќе остане

Уставните измени во понеделник на маса пред народните избраници. На Владата и останаа уште два дена да го собере потребното двотретинско мнозинство за промена на Уставот. Опозицијата и натаму останува на претходниот став – дека нема да гласа за предложените уставни измени.

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска со свое видео обраќање упати пораки – волјата на народот била јасна:

 – Процесот кој го раководеше лично Зоран Заев се удира во ѕид, и додека тоа се случува одново се лиферуваат нови лаги. Па така Премиерот вчера ќе го слушнеме како името Македонија било заштитено, во исто време додека истата таа влада поднесува амандмани со кои 288 пати го брише името Македонија во Уставот, и го заменува со ново име договорено со јужниот сосед. Уште еднаш потсетувам дека Владата, Собранието и секој еден пратеник ја има одговорноста да работи и дејствува согласно волјата на народот. А волјата на народот е јасна и недвосмилено изразена на референдумот. ВМРО-ДПМНЕ е против овој договор и така ќе остане.

Според Мицкоски власта бегала од предлогот на опозицијата за нов јавен обвинител а Македонија влегувала во општествена, економска и политичка криза.

 Велеа дека биле за правда, но власта освен тоа што прави политички прогон, бега од предлогот за нова обвинителска институција која вистински ќе се бори против криминалот и корупцијата, а бега, бега затоа што криминалот е во самата власт. Ветија почист воздух, но резултати нема, ветија мораториум на градби, но зградите во Аеродром никнуваат во парковите, ветија чесно работење, но градоначалникот шверцер од Ново Село останува недопирлив за вистинската правда. И додека сето ова се случува власта гледаме како власта се труди да ја поништи волјата на граѓаните.

Владата година ипол не испорача ниту еден резултат, вели Мицкоски. Немало директни странски инвестиции, ниту нови работни места, ниту пак 500 евра просечна плата и поголеми пензии – градежништвото бележело рекорден пад од минус 30 проценти, а капиталните инвестиции за 7 месеци биле очајно ниски.

Во своето видео обраќање,  Мицкоски вели дека изворот на кризата не бил Договорот од Преспа туку Владата која ја креирала кризата и морала да си оди за Македонија да победи.