Мицкоски бара власта да престане да краде и да произведува струја, Ковачевски допрва ќе ги разгледува мерките за помош на бизнисот

Власта да престане да ги краде граѓаните и државните електрани, да се фати за работа и да произведе доволно струја за да му помогне на стопанството. Ова го порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на чествувањето на празникот Успение на Пресвета Богородица во Берово. Крајно време е, според него, да се интервенира бидејќи бизнисите во сите други држави во регионот имаат пониски сметки за струја и се поконкурентни од нашите.

Мицкоски вели дека го шокирало признанието на првиот човек на ЕСМ дека струјата повторно ќе поскапи од јануари. Алармира дека и покрај поскапувањето на струјата за 7,4% во просек, голем дел од граѓаните добиле двојно повисоки сметки. Смета дека е крајно време да им се помогне на сите , бидејќи Македонија била убедливо најсиромашната држава на Балканот.

Владата допрва ќе ги разгледува барањата на бизнисите. Премиерот Ковачевски потврди дека ќе се разгледуваат предлозите за замрзнување на маржите на трговците со струја и укинување на ДДВ за струјата на бизнисите.

Апелите на бизнисите дека им треба итна помош за справување со превисоките сметки за струја, засега не наидува на реакција од надлежните. Предлозите на бизнисот повеќе од еден месец стојат во фиоките на економските министри, а конкретни мерки нема. Министерот за финансии Бесими наместо да излезе со конкретна помош за фирмите, пред неколку недели ги шокираше дека планира повеќе да ги оптовари со давачки. По најавената даночна реформа имаше низа негативни реакции од експертската јавност, но се чини наместо да се бори со сивата економија, реши да им земе повеќе на оние што уредно си ги плаќаат давачките. Во јавноста ретко се појавува, ама затоа пак редовно пишува колумни секоја недела. Така и овојпат, призна дека цената на струјата руши рекорди на светските берзи и дека надмина и 800 евра за мегаватчас на француската берза. Бесими во колумната пишува дека субвенциите и откажувањето од давачките не биле доволни. По којзнае којпат им порача на граѓаните и фирмите дека просторот во буџетот е ограничен и дека сите морале да штедат струја.

Бизнисите револтирани откако надлежните им порачаа да штедат. Велат никој не треба да им каже како да ги намалат трошоците, бидејќи тоа постојано го правеле. Инаку Владата требаше да ги донесе мерките за граѓаните и стопанството уште во јуни. Додека министрите се уште прават калкулации, 5.400 фирми ставија клуч на врата за само 7 месеци.

Тања Попова