Мицкоски: Ако сакаме Македонија да ја придвижиме во ЕУ, најпрво треба оваа власт да замине
Оваа Влада е манипулативна и полна со лаги, таа не се бори Македонија да влезе во ЕУ, ниту пак има план како да го реализира тоа. Токму луѓето од оваа Влада се виновниците кои што го уништија процесот Македонија да биде дел од ЕУ, затоа што прифатија нешто што никој нормален во оваа држава не би прифатил, порача денеска од Прилеп, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање – дали е можно земјава да влезе во ЕУ и пред 2030 година, како што уверуваат Пендаровски и Ковачевски, доколку опозицијата не го кочи процесот со несогласувањето околу Уставните измени.
-Ако сакаме навистина Македонија да ја придвижиме кон ЕУ прво што треба е час поскоро овие да заминат. Тие се борат само да останат ден повеќе и се борат за тендер повеќе. Тие се борат за повеќе украдени пари. Тие не се борат, верувајте ми, ниту пак имаат интерес, Македонија да ја видат во рамките на ЕУ затоа што таму политички измамници и политички криминалци од нивниот ков – нема, кажа Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Освен ова, Мицкоски упати сериозни критики и за новата Кампања на власта, наречена „Ние Европа“, а за која, според него, се фрлаат 80.000 евра народни пари, но не за европско, туку за нечие партиско себерекламирање.
-Самата Кампања е прво плагијат, а второ имаме партиска кампања која што ја плаќаат граѓаните и можете да ја видите таа кампања како на партискиот портал во живо е емитувана. Практично, вие граѓаните повторно плаќате партиска кампања. Но, како и да е, не треба граѓаните во Македонија да бидат загрижени затоа што нас ни треба да се обединиме, за неколку месеци ќе дојде денот кога Македонија ќе биде ослободена од овие политички измамници и криминалци и ќе ни требаат луѓе сите заедно обединети да си ја кренеме државата“, – истакна Мицкоски.
Мицкоски очекува дека со скорешните избори, сеедно дали ќе се одржеле есенва, или на пролет, конечно ќе дојдело до промена на власта и ќе почнело решавањето на купиштата реални, егзистенцијални проблеми кои сега ги имаат македонските граѓани.
Каролина Дурло