Мицкоски: Завршивме со преродбата и реформите, да запре тонењето на татковината

Ако патот до подобро утре води преку македонското политичко мочуриште, исполнето со транзициски ликови, тогаш ќе го поразиме и тргнеме од нашиот пат. Никој нема да ви го скрши духот, ниту пак да ви го одземе она што природно ви припаѓа. Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковки на 125 годишнината од првичната организација, со силна порака до пратениците кои гласаа за отворање на Уставот и прекрстување на Македонија….

– Ни се случи Црниот Петок. Бевме сведоци на предавство на нашата татковина, предавство во кое за жал, за голема жал, учествуваа и наши доскорешни сестри и браќа! „Тивко е на Ножот“, прочитав еден фејбук статус таа вечер, очигледно со алузија на историската епопеја и паралелата со денешните настани. Не заболе и тоа пеколно – Тоа што ве видовме со посвиткана кичма! Не подвиткана како онаа на Заев, бидејќи тој воопшто нема кичма, но од Црниот Петок наваму и вашите кичми се подвиткани! Не издржаа вашите плеќи! Не издржаа иако до пред некој ден не убедувавте, се фалевте и ширевте митови дека на вашите плеќи се крепи Македонија! Не издржавте, иако знаевте дека за огромен дел од вас СЈО ви монтира и пакува случаи во удбашки стил! Попуштивте, иако знаевте дека сите патриоти од 27-ми април се тотално невини – вели Мицкоски во обраќањето.

И покрај сите предизвици со кои периодов се соочува раководството на партијата, Мицкоски вели дека ударот кој му го зададоа седумтемина пратеници, нема да ги стави на колена, туку му дава сила само да издржат понатаму, па казната од народот за предавството ќе ја видат на следните избори. Ги повика да изгласаат Закон за амнестија за сите инволвирани за собраниските настани, за неселективна правда.

-Вие само за малку му ја продолживте политичката кариера на Заев на сметка на Македонија. Влеговте во неговиот ол ин план, со кој срамно тргува со илјадници македонски души. А, да издржевте ќе одевме на избори! И ќе го победевме злото! Ќе го победевме Зоран Заев и групата околу него! Власта сака низ тој процес на борба за помирување да донесат некаква неселективна правда која што во основа е неправда, затоа е потребна слобода и правда за сите. Слушајте ме добро ваму, ајде донесете закон за амнестија кој го предлагаме за сите учесници за 27-ми април, за да има и неселективна правда и слобода за сите, а не селективна правда за само оние кои што вас ви слугуваат, побара Мицкоски.

Разрешувањето на дел од членовите на ВМРО-ДПМНЕ за членството и поддржувачите, храбар потег на лидерот на партијата Мицкоски. Партијата, велат, мора да се дистанцира од погрешното работење на некои членови, и од луѓето кои не заслужуваат да бидат дел од неа.

Народот секогаш победува, нема време за очајување Македонија мора да оди напред и ќе го добие заслуженото место рамо до рамо со модерните европски држави но со зачувано достоинство, подвлече Мицкоски во обраќањето пред членството и поддржувачите на партијата.

Ивана Соколовиќ Најдова