Мисајловски: Договорот за добрососедство не е дел, туку основа на преговарачката рамка
Бугарската дипломатија ја порази македонската бидејќи се што беше барање на официјална Софија стана услов во преговарачката рамка за Македонија. Договорот за Добрососедство и пријателство не е дел, туку основа на преговарачката рамка, спакувана во француски предлог, вели поранешниот амбасадор, Ѓорги Мисајловски. Договорот и ги врза рацете на Македонија, и Бугарија може слободно да си ја спроведува агресивната политика која е пракса со години наназад, коментира екс амбасадорот.
- „Договорот за добрососедство и пријателство не е пречка туку основа на се што следуваше потоа. Занчи германска варијанта, па после француска, која преминува потоа во преговарачка рамка, комплексно.. Не станува збор за француски предлог, тоа е само затоа што Франција претседава со ЕУ.. Бугарија нас практично не порази, и дипломатиски и технички. Бидејќи сите нивни услови, бугарските услови се дел од преговарачката рамка и тука нема збор. А зошто тоа го акцентира и ЕУ, просто евидентно е , дека Бугарија има, не можам да кажам сјајна туку добра дипломатија. – Подобра од нашата? Па во секој случај“ вели поранешниот амбасадор, Ѓорги Мисајловски.
Нашата дипломатија е неподготвена, оценува Мисајловски, а Османи се обидува да прикрие дека билатералниот договор е на штета на Македонија.
- „Ние сме неподготвени. Ние немаме аналитички тимови, ние не предвидуваме, ние само лечиме..Проблемот е во тоа што вадиме костени од оган. Тоа што Османи, не сака да го објасни е токму тоа дека Договорот е штетен за Македонија. И ги предизвикува сите „неволји“ што ги имаме… Два народи не може да имаат иста историја. Штом имаме два народи имаме и две историја и тоа е парадоксално… “ вели Мисајловски.
Преспанскиот договор и даде ветер во грб на Бугарија да може да бара исполнување на своите апетите и тоа на писмено. Но, бидејќи нашата дипломатија е катастрофална сето тоа се исполни, вели екс амбададорот.
Од друга страна, со денови не запираат реакциите кај јавноста откако Османи на училишна табла сакаше да објасни дека Договорот со Бугарија не е дел од преговарачката рамка. Контра Османи отиде и бугарското МНР кое децидно вели, дека без ефикасно спроведување на Договорот за добрососедство како и протоколите кои произлегуваат од меѓувладините средби, но и заклучоците на мешовитата историска комисија напредок за Македонија на евроинтегративниот пат нема да има.
Викторија Миткова