Мини реконструкција на грчката Влада: Катругалос нов шеф на дипломатијата

Досегашниот алтернативен министер за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос е именуван за нов шеф на грчката дипломатија, соопшти портпаролот на Владата во Атина и министер без ресор Димитрис Ѕанакопулос.

Катругалос доаѓа на местото на Алексис Ципрас, кој досега освен премиер, беше и министер за надворешни работи.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, со оваа мини реконструкција, извршени се вкупно шест промени во грчката Влада.

– По успешното завршување на процедурите за стапување во сила на Договорот од Преспа, премиерот, како што и самиот изјави, смета дека не е потребно да го задржи ресорот во Министерството за надворешни работи, рече Ѕанакопулос.

На местото Катругалос, нов алтернативен министер за надворешни работи задолжен за европска политика е Сиа Анагностопулу, пратеничката од СИРИЗА која беше и известувач за нацрт законот за ратификација на Договорот од Преспа, кога беше донесен во грчкиот Парламент.

Од другите промени во грчката Влада, на местото на заменик министерката за внатрешни работи надлежна за Македонија и Тракија, Катерина Нотопулу, која е кандидат за градоначалник на СИРИЗА за Солун, доаѓа Елефтерија Хаѕигеоргиу.

Нов заменик министер за труд и социјална заштита е Консантинос Баркас, кој ќе го наследи Насос Илиопулос, кој заминува од функцијата за да биде кандидат на СИРИЗА за градоначалник на Атина.

Промени има и во Министерството за транспорт и инфраструктура каде што нов заменик е Танос Мораитис, како и во Министерството за миграциска политика, каде, исто така, на позицијата заменик министер доаѓа Ангелос Толкас.

Свечената заклетва на новите членови на Владата, како што соопшти Ѕанакопулос, ќе се одржи в понеделник, откако грчкиот премиер ќе се врати од Германија. Ципрас, попладнево заминува за Минхен, каде ќе учествува на Минхенската безбедносна конференција.

Во Грција беше прашање на време кога ќе биде извршена мини реконструкцијата на Владата, од причина што двајца заменици министри се кандидати за градоначалници на СИРИЗА на локалните избори и беше неопходно да се пополнат празните места.

Од друга страна и финализирањето на Договорот од Преспа, навестуваше дека Ципрас ќе ја напушти министерската позиција, што ја презеде по оставката на Никос Коѕијас од местото шеф на дипломатијата. Токму решението меѓу двете земји и успешното завршување на сите обврски што произлегуваат од договорот, беа главните причини зошто Ципрас лично реши освен премиер да биде и министер за надворешни работи.