Министерството за правда ги крие измените на Законот за помилување
Министерот Кренар Лога го крие новиот Законот за помилување. За разлика од Законот за амнестија чии детали беа познати во јавнноста, уште пред да помине на Влада, сега пред да ги соопшти деталите за помилувањето ќе чека амин од премиерот и колегите министри.
Предлог законот треба да помине на владина седница. До тогаш нема да биде објавен никаде бидејќи може да претрпи измени, велат од Министерството за правда.
Единствено што се знае е дека со новиот Закон е можно да се укине аболицијата како право на претседателот на државата. Со други зборови претседателот му останува правото на помилување ,но само доколку барателот има веќе правосилна пресуда.
Освен укинувањето на аболицијата, никој не открива дали измените ја намалуваат или зголемуваат моќта на претседателската функција.
Од она што досега министерството обелодени, ќе се затегнуваат роковите по кои постапуваат институциите, но и одговорноста на оние што го спроведуваат помилувањето.
Од кабинетот на претседателот информираат дека аболицијата треба да се исклучи од македонскиот правен систем.
На шест месеци пред одржувањето на претседателските избори, власта реши да ги менува ингеренциите на претседателот. Очигледно, неизвесноста од победата на изборите влева страв кај властодршците за изгубена уште една функционерска фотеља.
Паула Костадиноска