Министерството за култура жали за запуштените споменици од НОБ, но нема план за обнова

Во изминативе пет години единствена интервенција која беше направена на спомениците од НОБ беше бришењето на зборовите бугарски фашистички окупатор на дел од нив. Тие се запуштени и руинирани. Ресорната министерка само жали за актуелната состојба, но не кажува дали ќе преземе нешто.

Министерството за култура жали што спомениците од НОВ се запуштени и оштетни, без конкретно да кажат дали ќе преземат мерки за да бидат обновени. Јавноста се крена на нозе откако одбележувањето на празникот и во Скопје и во Куманово се одржа пред искршени и полураспаднати споменици. Од вечниот дом на околу триста борци, загинати во Куманово, фалат имињата на 23-ца. Министерката за култура Бисера Костадиновска рече дека ги видела реакциите, и додава дека тие биле запоставнени подолго време.

  • Тие не се запоставени од сега, туку долго време тоа е така. Ние решивме дека во 2023 година ќе започнеме со еден вид на национална стратегија со која ќе ги поделиме надлежност на четири музеи, коишто ќе добијат пари во годишната програма за финасирање на проекти од национален интерес и кои што ќе бидат фокусирани строго на овие спомен-обележја и споменици од периодот на НОВ. Ќе одредиме четири национални установи, ќе ги поделиме по географско значење и тие ќе бидат задолжени за реставрација, реконструкција, освежување и секаков вид на поправка, која што му треба на секое едно спомен-обележје или споменик од времето на НОВ, нагласи министерката за култура.

За спомениците е одговорно Министерството за култура, а за зеленилото околу нив, општините. Но, и едните и другите, на нив се потсетуваат само на празници.  

Ваквиот однос од државата го осуди и вицепремиерката за борба против корупцијата, но таа не знае кој е одговорен за одржување на платото пред владата и спомениците.

И додека јавноста реагира на оштетувањето на спомениците, на владината прослава во Крушево, фашистичкиот окупатор го снема од песната „А бре, Македонче“. Стиховите „нека разберат клетите фашисти, македонско име нема да загине“, станаа „нека разберат душманите клети, македонско име нема да загине“.

Борис Грујоски

Advertisements