Министерството за земјоделство ги извиси тутунарите кои бараат покачување на откупните цени по класи

        Министерството за земјоделство повторно ги извиси тутунарите.Тоа преку писмено известување и официјално се прогласи за ненадлежно да интервенира во корегирањето на годинашните откупни цени по класи.

 „Според добиениот одговор, МЗШВ не чуствува никаква вина, а нема ниту желба да разговара со откупувачите за покачување на цените на тутунот. Единствена нивна обврска била исплатата на субвенциите, притоа заборавајќи дека тие субвенции ги изеде инфлацијата и дека мора да има нивно корегирање. А го изоставија и фактот што тутунарите и сточарите се исклучени и од мерката „зелена нафта“, најверојатно мислејќи дека тракторите на овие земјоделци работат на соларна енергија“, стои во реакцијата на четирите новоформирани тутунски здруженија.

    Според одговорот од МЗШВ, единствениот надлежен субјект за преговори со откупувачите бил Сојузот на земјоделски здруженија, односно неговиот претседател, Менде Стомнароски. Ова пак, дополнително ги разлути тутунарите, бидејќи тие не го признаваат легитимитетот на Стомнароски за кого сметаат дека бил само продолжена рака на власта во злоупотребите на тутунарската мака и труд.

  „„Ако го имаме предвид фактот кои луѓе го водат Сојузот, како е Сојузот земен преку ноќ, какви не проблематики се направени во тој Сојуз…едноставно мислиме дека Сојузот е во спрега со државата. Од една страна не штити нас, не штити во наводници, а од друга страна ги штити откупувачите, така што тоа што треба секој производител да се договора со откупувачите за по која цена, тоа, по наше видување e замајување на народот, на тутунарите“ – вели Тони Ангелески, претседател на ТЗ „Жолто тутунско злато“.

   Револтирани и гневни на ваквиот индолентен однос на МЗШВ, тутунарите прашуваат тогаш зошто постоела оваа институција, ако не за да ги решава реалните проблеми на земјоделците ?! Според нив, токму тоа префрлање на одговорноста, владината незаинтересираност, но и партизираниот Сојуз, тотално го урнисале македонското земјоделство, па Македонија стигнала дури и да нема доволно храна.

    Инаку, тутунарите бараа Владата и ресорниот министер Николовски да не изземаат од утврдувањето на производните и откупните цени на земјоделските производи, бидејќи тоа било нивна обврска. Тие и јавно го повикуваа министерот да испрати барање до Институтот за тутун во Прилеп или до Земјоделскиот факултет во Скопје, каде агроекономистите ќе ги утврдат реалните трошоци за производство на килограм тутун, па таа цена зголемена за 30% да биде основа за утврдување на годинашната просечна откупна цена.

Каролина Дурло


Advertisements