Министерството за здравство ќе добие канонада тужби од дијабетичарите

Дијабетичарите си најдоа адвокати и ќе го тужат Министерството за здравство зашто 8 месеци нередовно им доставувало инсулин, глукомери и ленти за мерење на шеќерот во крвта, потврди претседателот на Сојузот на здруженија на дијабетичарите Диме Велев.Дијабетичарите ќе ги бараат иглите, глукомерите, антидијабетната терапија и инсулинот што не им бил даден последниве 8 месеци, за кој имаат докази дека им бил препишан, а не им бил овозможен од државата поради недопустливите проблеми со тендерот. Велев е дециден дека станува збор за терапии што не смее да доцнат ни еден ден, а камоли 8 месеци. Најпогодени се децата, кои се боцкаат по 10 пати во денот и се мачат секој ден наместо да добијат сензори. Во протестно писмо упатено до властите, Сојузот на здруженијата на дијабетичарите истакна дека е недозволиво државата да се расфрла со трошоци а дијабетичарите да молат за лек и помагала кои регуларно треба да им следуваат.