Министерски гозби со народни пари – владините функционери потрошиле 16,5 милиони денари

Владините функционери за првите 11 месеци од минатата година прокнижиле 16.5 милиони денари како службени трошоци. Владата конечно ги објави податоците кои покажуваат дека во 2021-та биле потрошени повеќе пари во однос на 2020-та.

Најмногу пари потрошил министерот за надворешни работи, Бујар Османи, вкупно 2 милиони и 335 илјади денари, природата на неговата функција е таква што неговите трошоци може да се каже дека се пооправдани. За авиобилети дал  976 илјади, 472 илјади за хотелски сместувања.

Тогашниот премиер Зоран Заев е втор со 1 милион и 635 илјади денари. Следи вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, со над 1,2 милиони денари.

Високо на листата котираат и Никола Димитров и Насер Нуредни со 1 милион односно 870 илјади денари.

Бојан Маричиќ, актуелниот вицепремиер за евроинтеграции, како тогашен министер за правда, потрошил 816 илјади денари.

На сметка на буџетот, потрошил 213 илјади денари за авионски патувања. На аеродромите користел и вип-салон за 7.500 денари. Нарачал оброци за 163 илјади денари во приватните угостителски објекти, а во државните, кои се многу поевтини за функционерите, пријавил 92 илјади денари. Ручеците во странство Маричиќ ги платил 69 илјади денари. 

Првиот вицепремиер Артан Груби се мезел во надворешни ресторани за 272 илјади денари, речиси за двојно повеќе од една година претходно, а при тоа во 2021 треба да се знае дека недостасува последниот месец од евиденцијата. Вкупните трошоци му се 376 илјади денари.

Премиерот Димитар Ковачевски потрошил 70.000 денари како тогашен заменик-министер за финансии и тоа за трошоци за мобилен телефон и за услугите на државните мензи и бифеа.

Борис Грујоски

Advertisements