Министерскиот совет на ЕУ дебатира за Македонија но исходот е извесен – датум најрано во октомври

Министрите за надворешни работи на ЕУ ја започнаа дебатата за проширувањето на унијата и за преговорите со Македонија и Албанија, но речиси е извесно дека пред октомври нашата земја нема да го добие посакуваниот датум. Во последните нацрт-заклучоци кои беа усогласени синоќа на ниво на амбасадори на земјите членки на ЕУ беше поместено ветување дека Советот ќе се наврати на прашањето во октомври годинава, што е дури и полошо од претходната верзија каде стоеше дека за прашањето ќе се расправа „во септември“.

-Со оглед на ограниченото време на располагање и важноста на прашањето, Советот ќе се наврати на темата со цел да постигне суштинска одлука што е можно побргу и не подоцна од октомври 2019, стои во нацрт-заклучоците.

Овие заклучоци се во корелација со најавата од Берлин дека германскиот Бундестаг за датумот за преговори ќе гласа во октомври, а и германскиот министер за Европа, Михаел Рот изјави дека на германскиот парламент му е потребно дополнително време.

– Разбирам дека се работи за важни прашања за партнерските земји, но мораме да му дадеме време на Бундестагот. Се надевам на позитивен исход колку е можно побрзо, до октомври, нагласи Рот.

Дополнителен проблем е однесувањето на Кипар кој се закани дека ќе го блокира целиот текст кој се однесува на идната перспектива за сите земји кои сакаат да се приклучат во Унијата,  доколку не се реши проблемот со Турција. Според дипломатски извори, Никозија бара заеднички став на ЕУ во врска со истражувањето природен гас во источниот дел на Медитеранот од страна на Турција, што според кипарските Грци ја нарушува ексклузивната економска зона.

Истовремено во ЕУ постои несогласување во врска со евентуалното одвојување на преговорите за Македонија и Албанија. Дел од земјите порачуваат дека Македонија самата би требала да добие датум, а Албанија да почека, но други земји, на чело со Италија, инсистираат дека двете земји мора да го започнат процесот во пакет. Тоа со оглед на отпорот на Холандија кон Албанија, уште повеќе ја комплицира ситуацијата и нашата земја ја оддалечува од европската перспектива.

Драган Милосављевиќ