Министерот Сали не го поддржува најавениот протест на матичните лекари

Министерот Сали не го оправдува протестот на матичните лекари, кои најавија дека од 5 до 7-ми септември нема да издаваат рецепти и упати. Одново бара време за да се спроведат системските промени кои ги предложија матичните лекари уште во февруари. Сали вели реформи ќе има, ама неможело да се проведат за толку брзо време, иако матичните лекари барањата ги доставија уште пред седум месеци.
- Ние во изминатиот период од шест месеци веќе дискутираме. Не можеме да направиме промена во систем во период од месец дена или два, или пак, под притисок знаејќи дека во изминатиот период ние постојано дискутиравме, повеќе точки се предложени на Влада, дадени се насоки, тоа се процедури исто како што имаме забелешки за јавните набавки исто и за измените кои треба да се направат во систем за справување со примарната здравствена заштита. Се бара време, тоа е единствената работа што сум ја побарал од матичните лекари, но за жал нема слух. За жал ние ќе продолжиме со нашата интензивна работа околу промените во примарната здравствена заштита. Моите колеги за жал ќе продолжат со бојкотирање, а пациентите се тие што трпат рече Сали, министер за здравство.
Токму поради незаинтересираноста на надлежните институции матичните лекари се одлучија да не издаваат рецепти и упати три дена и испратија апел веднаш нивните барања да се најдат на владина седница.
- „За докторите имаме две/три барања. Покачување на капитационен бод, пациентите да бидат на матична амбулатна, тоа би биле тие две работи. Докторите кои што се концесиониери, оние кои што имаат закупи во здравствени домови, до сега беше пракса, министерот имаше право, да продолжи пензионирање до 67 годишна возраст. Сега гледаме дека овој министер нешто ја кочи работата“ – истакна Мевљудин Куч, доктор по општа медицина на 29 август за Алфа.
Матичните тврдат дека реформите кои ги бараат нема да бидат на товар на буџетот туку се само административни и технички. Дополнително, како аргумент го наведоа и фактот дека периодов 100 лекари ќе си заминат во пензија, меѓу нив и педијатри, со што Скопје ќе остане со намален број на доктори во примарното здравство, па ќе им се олесни работата.
Примарното здравство им порача на пациентите оваа недела да си ги завршат процедурите за рецепти и упати, бидејќи следниот понеделник, вторник и среда нема да можат.
Викторија Миткова