Министерот Меџити ќе направел се за да се реши случајот на Онкологија, нема дополнителни информации
Додека случајот со „онкологија“ метастазира, министерот за здравство и директорката на Клиниката само се правдаат и смируваат. Одговор и натаму нема дали на тешко болните пациенти со канцер им бил даван физиолошки раствор наместо терапија, и дали ќе има одгооворност за виновниците. Меџити и Клисаровска велат дека одговор на сите прашања ќе даде истрагата.Тие и натаму тврдат, дека откако се на функција нема никакви малверзации со терапијата на пациентите.
„Го разбирам гневот на граѓаните, особено кај оние директно погодените од канцерогени заболувања. Ќе направам сѐ што е во моја моќ овој случај да се расчисти, да се утврди и санкционира одговорноста за секој за кој ќе се докаже дека има удел во ова злосторство на Клиниката за онкологија.За да се обезбеди темелна истрага, ќе бидеме транспарентни. Никој од здравствениот систем нема и не смее да се обиде да ги заштити престапниците. Ако некој се обиде да ја манипулира истрагата, дополнително ќе реагираме“, изјави Меџити.
Директорката на онкологија нагласи дека единствено што знае, е за случајот со кражбата на цитостатици која беше објавена во јавноста и дека на осомничената медицинска сестра и дала отказно решение, за разлика од нејзиниот претходник Васев кој ја задржал на работа.
“Сакам ова да се открие и вината да добие име и презиме. Како тим сме достапни на надлежните, за да брзо се откријат виновниците. Апелирам до нив, час поскоро да донесат одлука, да ги именуваат виновниците ако ги има” – вели д-р Клисаровска.
Инаку, поранешниот директор на онкологија д-р Нино Васев кој е во пред истражна постапка за случајот со криминалот на Клиниката, денеска се појавил на работа.Клисаровска на ова одговори дека немала добиено никакво решение за тој да биде отстранет од работа.
Засега, издадени се наредби за анализа на одземените компјутери и компјутерски податоци при претресите во петокот, а истражните органи вршат распити на сите лица кои имаат сознанија за случајот.
Ања Лукарова