Министерот Лога ќе предложи законско решение за разрешување на актуелниот состав на Судскиот Совет 

Министерот за правда, Кренар Лога ќе бара поддршка од опозицијата за законски одредби за престанок на мандатот на сегашниот состав на Судскиот Совет. Лога го осудува незаконското постапување во највисокото судско тело, па едно од можните решенија според него е, со политички консензус, Собранието да донесе преодна законска регулатива, сегашните членови да бидат разрешени, за што е потребно 2/3 мнозинство.  

  • Ако има вакви законски измени, тоа ќе биде со консензус во Собранието со сите политички партии. Затоа, ова е една од опциите кои што може ние да ги имаме како решение. .Загрижен сум за истите бројки и податоци, кои ги кажува не само извештајот на ОБСЕ, туку и сите други институции во државата и меѓународната заедница“ рече Лога.

Лога уште гo чека извештајот за тајниот колегиум на кои членовите по втор пат, ја разршија Весна Дамева.

Опозицијата би поддржала законски измени за разрешување на највисокото судско тело, бидејќи според претседателот Христијан Мицкоски, Судскиот совет одамна не ги испорачува очекувањата.

  • „Таа институција не ги оправда очекувањата, таа институција дополнително го девалвираше судството. Тоа е факт, целата јавност тоа го гледаше, како тие кои требаше да се грижат за правдата имаат неправда на самата седница. Јас како човек, настрана од политиката, длабоко сум разочаран од однесувањето на тие луѓе таму. Се што е во рамките на законот, ВМРО-ДПМНЕ ќе поддржи“, рече Мицкоски.

До сега откако започнаа препокувањата и кавгите си заминаа двајца членови, Мирјана Радевска Стефкова и Зоран Герасимовски. Коалциијата „Сите за правично судење“ обелодени дека има најави дека и други членови ќе го напуштат Советот, но од таму за Алфа изјавија дека немало депонирано други оставки.

Невладиниот сектор и речиси сите правници во државава одамна очекуваат оставки од целиот состав а поткрепа за тоа даде и последната анкета спроведена од ОБСЕ и Антикорупциската комисија помеѓу судиите и обвинителите, кои не им веруваат на највисоките органи во правосудството, Судскиот и Советот на јавни обвинители. Над 70 отсто од анкетираните велат дека Судскиот Совет работи за лични и партиски цели, а не е заштитник на независноста на судството што му е основна функција. Освен тоа, во анкетата спроведена анонимно, 32 отсто од анкетираните  судии почувствувале или се нашле под притисок на членовите на Судскиот совет.

Викторија Миткова

https://youtu.be/mEwmBUGPJq0
Advertisements