Министерот за финансии со 7 ефекти врз економијата ги правдаше даночните реформи

Позитивните очекувања за праведното оданочување се реализираат, вели министерот за финансии Драган Тевдовски. Tој посочи седум факти за тоа дека реформата придонела за подобрување на економијата, меѓу кои социјалната реформа. Според него, праведното оданочување придонело за зголемување на вработеноста и намалување на невработеноста, иако пред воведувањето на праведниот данок во јавноста имаше загриженост дека праведното оданочување ќе ја зголеми невработеноста.

– Бројот на вработени е зголемен за 17 000 лица во првите три месеци од годинава, односно по воведување на праведниот данок. Невработеноста во првите три месеци од 2019 година е сведена на најниско ниво од споведување на анкетата на работна сила или 17,8 отсто што е за 1,6 отсто пониско ниво во однос на последното тримесејче од 2018 година. Иако, пред воведувањето на праведниот данок во јавноста беше изразена загриженост дека праведното оданочување ќе ја намали вработеноста, се случи сосема спротивното, односно само за едно тримесечје бројот на вработени е зголемен за 17 000 лица, рече министерот.

Во делот на вработувањето по воведување на прогресивното оданочување има раст на вработеноста кај младите за 6.000 лица во првиот квартал од годинава. Раст има и кај просечната нето-плата во првите три месеци од 2019 во споредба со првото тримесечје од 2018 и тоа за 3,4%, што е повисоко ниво во однос на седумгодишниот просек.

Тој посочи дека од почeтокот на годината имаме добра наплата на данокот на личен доход или за 17,4% повеќе во споредба со истиот период лани.

– Економските резултати се исклучително добри од почетокот на годината, а како што предвидовме со средствата од праведното оданочување се поддржува социјалната реформа, односно обезбедување фер општество и праведен раст за сите. Од неделата започна исплатата на зголемената социјална помош согласно правата предвидени со новата социјална реформа. Над 25.000 домаќинства добија гарантиран минимален приход, што за поголемиот дел од нив значи надоместок зголемен за 100 отсто, истакна министерот за финансии Драган Тевдовски.

Растот на БДП во првото тримесечје изнесува 4,1%, и според министерот, покажува дека праведното оданочување не го блокира економскиот раст.

Во врска со предизборното ветување за 500 евра просечна плата, рече дека тој е поборник платите да растат бидејќи најголемиот дел од граѓаните живеат од својот труд. Посочи дека веќе има раст од 3,4% и оти ќе се подолжи да се прави притисок за раст на платите и на давање поддршка во бизнис задницата.

Борис Грујоски