Министерот за култура ја информираше јавноста дека бил на концерт

Додека културните работници негодуваат за платите, министерот посетува концерти и за тоа ја информира јавноста преку официјални соопштенија од Министерството за култура на Република Македонија. Во најновото, се вели:

„Министерот за култура Асаф Адеми синоќа во Македонската опера и балет присуствуваше и ги поздрави присутните на гала-концертот на познатиот светски тенор Раме Лахај. На концертот заедно со Лахај настапија и други реномирани имиња како сопранот од Русија, Венера Гимадиева, баритонот Кирил Манолов и мецосопранот Марика Поповиќ. Гала-концертот се одржа во рамките на седмото издание на фестивалот „Сцена на албанската сериозна музика“, организиран од Здружението „Алегретто“.

Маестро Лахај денеска ќе одржи и мастер-клас за млади уметници. Раме Лахај е еден од најистакнатите пејачи во неговата генерација и е добитник на престижни оперски признанија. Редовно настапува со светски познати изведувачи на оперските сцени ширум светот, во Париз, Москва, Хелсинки и на многу други места.“

Пред неколку дена Синдикатот на културата (СКРМ) објави соопштение во кое прашува дали културните работници биле излажани од политичарите кои сакаат само да си купат мир за време на изборите.

Министерството за култура преку електронска пошта ги извести институциите во културата дека нивелацијата на платите ќе се спроведе по завршување на изборниот процес.

И покрај тоа што Синдикатот на културата (СКРМ), како иницијатор на нивелацијата, има разбирање за одредбите од Изборниот законик со кои се стопираат сите одлуки со финансиски импликации за време на изборите, мораме да го изразиме нашето разочарување и револт затоа што вработените во културата и понатаму остануваат заложници на општествено-политичките состојби во државата, заборавени и затрупани преку глава со наталожени проблеми.

Сè уште мислиме дека нивелацијата можеше да се спроведе, особено затоа што одлуката е донесена во декември минатата година и за нејзиното спроведување не се користат дополнителни буџетски средства, надвор од предвидениот буџет на Министерството за 2019 година. Нивелацијата не значи покачување на плати, туку исправање на неправда со законска основа.

СКРМ имаше разбирање за одложување на нивелацијата за еден месец (наместо во март, да се спроведе во април), верувајќи дека Министерството ќе направи сè за исполнување на ветувањето и покрај тоа што бевме свесни дека ни следат избори.

Дали свесно Министерството за култура „украде“ еден месец за спроведување на нивелацијата, за потоа со изборите да си купи време од уште неколку месеци?! Очекуваме јавно да излезат на прес-конференција и да кажат како течел целиот процес, како се правени пресметките, со кои законски пречки се соочиле и поради кои конкретни законски одредби нивелацијата е одложена.

За тоа време, Советот на СКРМ ќе одлучи како ќе реагира на одложувањето и ќе постави услови за динамиката на решавање на сите проблеми во културата и во тие услови нема да има ни грам толеранција, ни минута доцнење, ниту разбирање. Штом Министерството за култура нема разбирање за нашите проблеми, културните работници и уметници нема да имаат разбирање за нивните изговори.“ се вели во соопштението на Советот на СКРМ.