Министерот за култура „состанчи“, културните работници се бунат за платите

Министерот за култура Асаф Адеми и денеска ја информираше јавноста за одржувањето на работен состанок со одредено лице во текот на работниот ден, што станува негова востановена пракса. Вчера Адеми се сретна со оперски пејач од Косово, а денес со в.д. амбасадорката на Црна Гора. И за двете средби од Министерството за култура уредно и ревносно упатија известувања во јавноста, со цел граѓаните да бидат запознаени за овие активности на министерот.

Колку се ваквите активности на министерот важни за јавноста, е прашање кое е вредно за дискусија. На пример, јавноста дозна дека на денешната средба на Адеми со н.е. Јелена Милачиќ било заклучено дека „Македонија и Црна Гора досега имаат реализирано успешна соработка во сите дејности на културата“, како и дека „Адеми и Милачиќ изразиле подготвеност во наредниот период да се интензивираат соработката и размената на проекти во двете држави“. Во превод, и овој како и вчерашниот состанок со оперскиот пејач од Косово немаат никаква употребна вредност кога се во прашање интересите на културните работници од Македонија.

И додека Адеми има подготвеност да одржува работни состаноци и за тоа да ја информриа јавноста, кај него и кај владата очигледно нема подготвеност да се нивелираат платите во културата. Додека Адеми се среќава со разни луѓе во својот кабинет и за тоа смета дека е добро да ја информира јавноста, синдикатите се бунтуваат – засега само на социјалните мрежи. Синдикатот на културата (СКРМ) пред неколку дена објави соопштение во кое прашува дали културните работници биле излажани од политичарите кои сакаат само да си купат мир за време на изборите.

Министерството за култура преку електронска пошта ги извести институциите во културата дека нивелацијата на платите ќе се спроведе по завршување на изборниот процес.

И покрај тоа што Синдикатот на културата (СКРМ), како иницијатор на нивелацијата, има разбирање за одредбите од Изборниот законик со кои се стопираат сите одлуки со финансиски импликации за време на изборите, мораме да го изразиме нашето разочарување и револт затоа што вработените во културата и понатаму остануваат заложници на општествено-политичките состојби во државата, заборавени и затрупани преку глава со наталожени проблеми.

Сè уште мислиме дека нивелацијата можеше да се спроведе, особено затоа што одлуката е донесена во декември минатата година и за нејзиното спроведување не се користат дополнителни буџетски средства, надвор од предвидениот буџет на Министерството за 2019 година. Нивелацијата не значи покачување на плати, туку исправање на неправда со законска основа.

СКРМ имаше разбирање за одложување на нивелацијата за еден месец (наместо во март, да се спроведе во април), верувајќи дека Министерството ќе направи сè за исполнување на ветувањето и покрај тоа што бевме свесни дека ни следат избори.

Дали свесно Министерството за култура „украде“ еден месец за спроведување на нивелацијата, за потоа со изборите да си купи време од уште неколку месеци?! Очекуваме јавно да излезат на прес-конференција и да кажат како течел целиот процес, како се правени пресметките, со кои законски пречки се соочиле и поради кои конкретни законски одредби нивелацијата е одложена.

За тоа време, Советот на СКРМ ќе одлучи како ќе реагира на одложувањето и ќе постави услови за динамиката на решавање на сите проблеми во културата и во тие услови нема да има ни грам толеранција, ни минута доцнење, ниту разбирање. Штом Министерството за култура нема разбирање за нашите проблеми, културните работници и уметници нема да имаат разбирање за нивните изговори.“ се вели во соопштението на Советот на СКРМ.

Можеби деновиве Адеми ќе се сретне со претставници на Синдикатот и ќе им даде одговори на прашањата кои ги имаат во врска со нивелирањето на платите. Тоа е соопштение до јавноста кое би било од јавен интерес, за разлика од најобичните работни состаноци на некој министер.