Министерот за здравство не знаел дека се потребни пари за лекувањето на Кико
Надлежните се правдаат, јавноста збеснува. Случајот со 20 годишниот Кристијан Коцев кој се бори со многу ретка и тешка болест ги крена на нозе сите, но не и најповиканите кои велат дека знаеле за случајот ама не знаеле дека биле потребни финансии за лекување на младото момче. Министерот за здравство Фатмир Меџити вели дека до неговиот кабинет ниту до ФЗОМ не стигнало барање за лекување и затоа не постапиле. Но и да е така, зошто не реагирале по допрен глас? Министерот без конкретен одговор.
– Да разјасниме, тој нема поднесено барање до надлежните институции. Тој случај досега не се лекувал во јавно здравје. Четири – пет години не биле на преглед. Така што, ние не знаеме што се случува. Ова се државни институции здравствени и треба да има службено барање за да се разгледува, изјави Меџити на новинарско прашање зошто како Министерство за здравство, како и Фондот за здравствено осигурување, не понудиле некоја помош за лекувањето на Коцев. – вели Фатми Меџити, министер за здравство.
Додека надлежните спијат, парите за лекување на Кристијан се собраа од донации на граѓани и фирми. За само четири дена се донирани повеќе од 50.000 евра за Кико да биде лекуван со матични клетки во Истанбул. Семејството јавно се заблагодари.
-Бескрајно сме ви благодарни на сите што бевте со нас. На сите што дадовте сè од себе за Кико. Кико На сите ви испраќа бакнежи и ве сака. Молете се за него да биде добро и да е среќен. Борбата продолжува, ќе се избориме сите заедно. – објави семејството на Кико.
Во моментов неговата здравствена состојба е стабилна. Тој треба малку да закрепне за да може да го издржи патот до Турција каде ќе треба да се лекува.
Болеста на Кико била откриена кога бил многу мал. Имал медицински третмани во странство а го лекувале и лекари од Македонија. Семејството на Кристијан вели, неговата состојба нагло се влошила и од тие причини немале можност да бараат институционални решенија. За оваа ретка болест лек нема, но има терапии кои ја подобруваат состојбата. Дијагнозата на Кико се карактеризира со слаба координација на мускулите, а истовремено го зголемува ризикот од некои видови рак.
Ања Лукарова