Милошоски : Османи да внимава кога бара затворени седници

Османи да внимава кога бара затворени седници – ова е пораката која ја упати Антонио Милошоски  до шефот на македонската дипломатија откако беше прекинато продолжението на седницата на собраниската Комисија за надворешна политика токму поради тоа што голем дел од пратениците немале национален безбедносен сертификат.

 Оваа седница пред извесен период беше затворена за јавноста поради доверливост на материјали од МНР за амбасадорот од Вашингтон , а денес не можеше да продолжи во таква форма бидејќи голем дел од пратениците од ДУИ немале национални безбедносни сертификати.

Денеска имавме прв обид да ја продолжиме седницата во форма во која што работевме, односно затворена седница, но констатирам со жалење дека голем дел од пратениците од владејачкото мнозинство особено од партијата ДУИ немаа национални безбедносни сертификати и не можат да присуствуваат на таква седница, ниту пак да направиме кворум за да продолжи и да работи во тој формат, рече Милопоски на прес – конференција во Собранието.

Седницата продолжи во отворен формат откако амбасадорката која беше следна за излагање Евгенија Илиева побара во името на МНР да биде од отворен карактер, а по  усвојувањето на  нејзиниот мандат како амбасадор во Братислава седницата повторно беше прекината.

Бавното темпо со кое се движи седницата за избор на Уставните судии е веројатно тактизирање од владејачкото мнозинство поради тоа што немаат договор, посочи Милошоски одговарајќи на прозивките од Османи дека тој тактизирал со седницата за надворешни работи

–Оваа седница не оди ништо побрзо и ништо поспоро од седницата за избор на уставните судии која што е десеткратно побитна за институциите во државата, па и за владејачкото мнозинство, но гледаме дека тактизираат и веројатно немаат некој договор.  Затоа министерот Османи не би требало да биде селективен ако станува збор за ефикасност или неефикасност на Собранието или за различно толкување на Деловникот. Сметам дека владејачкото мнозинство и комисиите со коишто раководи е прилично неефикасно, но тука министерот Османи не ги забележува тие работи, веројатно намерно, рече Милошоски.

Седницата за надворешни работи треба да продолжи во текот на утрешниот ден , а своите тези треба да ги презентираат Агрон Буџаку – амбасадор во Канада , Дритон Куќи во Норвешка и Методија Белевски во Кралството Белгија.

Кристина Алексиеска