Милошоски: „Владата спрема уште еден театар за јавноста“ – Пратениците што имаат безбедносни сертификати се бројат на прсти
Ќе го објават договорот пред само неколку пратеници, но дали ќе ни остават и доволно време за да прелистаме 400 страници и да ги видиме сите контроверзни точки од него?, прашува пратеникот Антонио Милошески кој се сомнева дека Владата спрема уште еден театар за јавноста откако најавија дека договорот склучен со „Бехтел и Енка“, ќе го презентираат ама само пред оние пратеници што имаат безбедносен сертификат.
Собраниски извори брифираат дека таквите пратеници се бројат на прстите и се главно членови на комисијата за надзор на службите за разузнавање. Но, овие предлог-законски измени за коридорите нема да бидат на расправа во тие комисии, бидејќи не се засегнати. Од друга страна тие пратеници и да го видат договорот во целост, не смеат да споделат информации, бидејќи кривично ќе одговараат за оддавање државна тајна. Милошоски се сомнева во две сценарија.
- „Ако документот кој што кажаа дека е од 400 страници ни го дадат како документ на сите кои што имаме безбедносен сертификат и ни дадат време, ден-два или три, во соодветни услови, да го разгледуваме и анализираме, тогаш ние ќе можеме да извлечеме соодветни заклучоци, да видиме дали е вистина дека има казнени пенали од 53 милиони евра или дека 70% од работниците би биле надвор од Македонија“ – Вели пратеникот Антонио Милошоски.
Во телефонски разговор за Алфа, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, смета дека граѓаните имаат право да го видат договорот бидејќи тие ќе бидат оне кои со години ќе го плаќаат. Мицевски бара одговори „Како групата пратеници предлагачи на деветте закони по итна постапка, ги предложиле законите? На слепо? По наредба од Владата, или сепак ѕирнале малкуво Договорот со степен на доверливост? Но ако го виделе договорот, дали сите потпишани пратеници имаат безбедносни сертификати?“ И ако тоа не е така, во каква ситуација ќе се најде државата?
Владата најави дека нејзини претставници како и членови на комитетот за изградба на Коридорот 8 и 10 –д, вклучени во овој инфраструктурен проект, ќе ја презентираат документацијата и деталите од договорот за изградба, но исклучиво пред пратениците кои поседуваат соодветен безбедносен сертификат.
Никола Цветкоски