Милошоски: Бришењето на Манифестот е најголемото понижување досега;  Локвенец: Нема бришење, одлуките се составен дел од прогласот

Бришењето на Манифестот е исполнување на барањето на Грција –  тоа го одби Глигоров , и сите останати кои не беа уценети, кажа Антонио Милошоски во денешното гостување на „Отворено“ на телевизија Алфа. Според него, Бришењето на Манифестот и промената на Уставот  се најголемото понижување за Македонија.  Ветувањето на премиерот дека нема да го менува уставот, паднало во вода во моментот кога сфатил дека треба да бира меѓу уставни измени и паѓање на Владата на СДСМ.

Од друга страна пак пратеникот на СДСМ, Хари Локвенец, кажа дека одлуките биле составен дел на прогласот и дека немало бришење. Му кажа на Милошоски дека како човек кој се занимавал со дипломатија направил провокација кога на врвот Митикас на Олимп се сликаше со знамето од Култеш. На што Милошоски одговори дека Македонија има 30 години националистички притисок од Грција, а го бараме национализмот кај нас. Исто така и дека Македонија со ниеден чин суштински не ја загрозила Грција, што впрочем стои и во пресудата од Хаг.

Од друга страна за пратеникот на СДСМ Хари Локвенец, Охридскиот Рамковен договор е реалност за Македонија и составен дел од уставот кој ја потенцира унитарноста на Македонија. Тиранската платформа и таканаречена федерализација на земјата биле шпекулации и невистини кои се презентирале пред народот –  единствената гаранција за унитарноста на државата бил токму  охридскиот рамковен договор, кој бил дел од Уставот но досега немал правна рамка. Поставувањето во преамбулата на Уставот бил во интерес на сите.

Милошоски пак кажа Владата на СДСМ била Влада со само еден проект. Главниот аргумент било останувањето на власт на Заев, а Уставот бил жртва. Со вметнувањето на Охридскиот Рамковен договор во преамбулата на Уставот се дизајнирал идниот период на државата, која ќе се развивала како федерална држава .