Меј: Брегзит без договор ќе биде лош и за Велика Британија и за ЕУ

Британската премиерка Тереза Меј денеска оцени дека евенталното излегување на Велика Британија од ЕУ без договор ќе претставува „лош резултат“ како за Лондон, така и за 27-те земји членки на Унијата.

Меј во обраќање на крајот на четиридневната годишна Конференција на нејзината владејачка Конзервативна партија во Бирмингем, оцени дека пореговорите за Брегзит влагуваат во клучна фаза и ги повика сопартијците да се обединат и да ја поддржат во постигнувањето договор со ЕУ.

Британската премиерка обраќајќи се кон нејзините критичари во редовите на партијата порача дека доколку сите тргнат во различен правец „во потрага по сопствени визии за совршен Брегзит, постои ризик процесот да заврши без него“.

– Велика Британија не се плаши ако треба да ја напушти ЕУ без договор. Но, да бидеме чесни. Ако ја напуштиме ЕУ без договор, ако воведеме царини и контроли на копненните граници, тоа ќе биде лош резултат и за Обединетото Кралство и за ЕУ, изјави Меј.

При излегувањето на Меј на говорницата на Конференцијата на конзервативците во Бирмингем, во салата се слушаа звуците на песната „Dancing Queen“ на АББА.

Конференцијата на конзервативците мина во знакот на поделби околу договорот за Брегзит, при што Меј беше изложена на критики, како од страна на евроскепиците, така и од членовите на проевропското крило на партијата.