Меѓународниот фактор и референдумите во Македонија

Иста реторика- различни улоги. И за време на предреферендумксата кампања во 2004 година, меѓународниот фактор со истиот речник како сега, предупредувал дека иднината на Македонија- која можела да е извесно позитивна за ЕУ, а особено за НАТО- ќе се загрозела ако референдумот успее. Само тогаш, странците биле на страната на бојкотот, односно на владината кампања на СДСМ „Некои прашања не заслужуваат одговор“.
-Германија со голем респект ги набљудува напорите на Владата за спроведување на децентрализацијата соодветно на Охридскиот договор. Тоа е важно за доближувањето на Македонија кон Европската Унија и можеби и за брзо донесување на одлуката за брзо членство во НАТО, рече германскиот канцелар Герхард Шредер во октомври 2004.
Пред 14 години, референдумот заврши како што сакаа Брисел и Вашингтон, ама извесната европска иднина стана неизвесна. Исто и за НАТО. Алијансата ни беше „пред нос“, ама иако условот го исполнивме, ни се оддалечи.
-Немаме план Б за референдумот и тоа не е неопходно, зашто целосно веруваме во планот А, рече на 15 септември, претседавачот со ЕУ, шеф на холандската дипломатија, Бенард Бот.
Странските фактори никогаш не одговорија како ќе и помогнат на земјава да се приклучи на големите семејства, ако народот на тогашниот референдум одлучеше да ја задржи старата територијална организација. Единствено дека мора да „падне“ референдумот. И 14 години потоа, пораката е: или преспанскиот договор или бездна.
-Македонскиот народ избира меѓу иднина со НАТО и Европската Унија и враќање кон минатото, порача во октомври 2004, американскиот државен секретар Доналд Рамсфелд.
Интересно е што архивите на весниците, сведочат и за поинакви позиции на едно од највлијателните експертски имиња на актуелната владејачка гарнитура- професорот Фрчкоски. Во 2004 рамо до рамо со колешката Гордана Силјановска, преку трибини низ земјата во рамки на Граѓанското движење за Македонија, остро ја критикувал СДСМ. За него референдумот бил политички пораз за власта.
-Не можат да ги заменат лончињата и сега да ни кажат дека расправата за референдумот, всушност, е вовед во криза и ризик што го презема Македонија. Тоа е елементарна лага и не потценуваат ако мислат дека можат да не убедат во тоа. Проблемот и кризата ги отвори една исклучително слаба политичка елита која не знае да преговара, рече Фрчкоски, во октомври 2004.
И западните медиуми ја следеле офанзивата на Брисел и Вашингтон. Успешниот референдум го етикетирале како „темна перспектива“. Но никој потоа не го отворил прашањето за иднината на Македонија иако земјава ги одиграла зададените чекори. Каде исчезна ветувањето за евроатланска иднина тогаш?

Искра Коровешовска