„Метлата“ на Заев ќе фати прашина, Ахмети бара „ветинг“ за сите функционери

Метла, ветинг или двете? Одговорот ќе се знае денеска по средбата Заев-Ахмети. Додека СДСМ гласно зборува за чистка и смена на кадри, ДУИ загреани за ветинг, процес кој според правниците трае долго, па дури може да го надмине и мандатот на оваа владејачка гарнитура.

Терминот метла силно одекна во јавноста, но во ушите на интегративците тој е навредлив, оти со метла се чистело неисчистеното, а кон сите соработници треба да се покажа почит иако дел од нив ќе бидат сменети. За Заев пак терминот е симболичен. Вели дека реконстукцијата на владата ќе била логичен пресек на двегодишното владеење и на утврдените слаби алки.

Иако на големо веќе се зборува за метлата, ДУИ во игра се повеќе го става ветингот, кој неделава го најави Артан Груби кој воедно и посочи дека е задоволен од сработеното од нивна страна во Владата. Притоа најави дека иницијативата за ветинг ја почнуваат од редовите во ДУИ, но сакаат да ја предложат на Собранието, а очекуваат и поддршка од граѓанскиот сектор и медиумите.

Вчера и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, изјави дека останува на барањето за ветинг, како начин на кој ќе се спречат нападите кон функционерите и ширењето на лажните вести.

Во експертската јавност сметаат дека ветингот е обемен процес, но тој бара многу подолг период за темелено кадровско прочистување. Но, и доколку падне договор за почеток на ветинг, тој не треба да исклучи кадровски промени веднаш заради поефикасно работење на институциите. Она што е симпотматично е тоа што ДУИ побара ветинг откако беше најавена метлата на Заев , па останува отоврено прашањето дали ветнигот е само алиби за одложувањето на чистката кон сите министири или пак само оние од редовите на ДУИ.

Иако за метлата дури денеска ќе почне да се разговара, според градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари кој е од редовите на Алијанса на Албанците кои моментално не се дел од владејачкото мнозинство, метлата заиграла токму во нивната општина.

-Метлата на Заев, започна од Гостивар, денеска се поставени нови присилни директори по училиштата, по 6 пат се менуваат директорите во училиштата во нашата општина за 18 месеци, пишува Таравари.

Калимерата на СДСМ и Алијанса на албанците се разниша уште на локалните избори, а копјата највеќе се скршија кога од паријата на Села не го поддржаа Пендаровски за претседател.

Мери Ѓорѓиевска