Метео аларм: Синоптичарите предупредуваат од можни излевања на реки, одрони, засилен ветар

Опасност за излевање на реки, одрони, засилен ветер и град. Најавата за невремето кое може да ја погоди Македонија го вклучи алармот кај надлежните кои предупредуваат да се внимава. По она што се случи во Словенија, каде невремето предизвика катастрофа, состојбата кај нас се следи многу внимателно. Од УХМР очекуваат позначителни промени, но сепак нагласуваат дека интензинтетот на врнежите би биле со послаб интензитет. Предвидувањата се дека ќе паднат и до 20 литри дожд на поодделни места во земјава, а се очекува да има и засилен ветар.

  • Ако се остварат овие врнежи со голем интензитет за кратко времетраење на одредени помали сливни површини, во вечерните часови, па и во раните часови утре, можно е да дојде до поројни истекувања на помалите водотеци и суводолици и до несакани излевања на нивните води, кои би можеле да предизвикаат локални проблеми како на крајбрежјето, така и на патната инфраструктура, која е во нивна близина, а на одредени места можна е и појава на свлечишта и одрони. Во одредени градски населби, можна е појава на локални проблеми поради брзото истекување на водите по улиците, а атмосферските води од олуците приклучени на канализациите, можат да предизвикаат комунални проблеми и плавење на одредени подземни простории, влат од УХМР.

Метео алармот сепак предизвикува загриженост во јавноста. Посебно ако се знаат капацитетите на државата. Надлежните уверуваат дека состојбата се следи постојано. Од Центарот за управување со кризи велат дека се подготвени да реагираат при евентуални несакани последици.

Невремето во регионот ги разбуди и јавните претпријатија, па така деновиве тие можат да се забележат на терен како ги расчистуваат сливниците и шахтите на критичните точки кои при секој пообилен дожд се поплавуваат.

Дека ќе потребна будност и организираност, предупредуваат и синоптичарите кои прогнозираат можно невреме и во текот на наредните денови. Посебно во вторник, кога ќе има и позначителен пад на температурата а за кога се очекува и засилен ветар.    

  • Попладне и во ноќните часови почнувајќи од запад, облачноста ќе се зголемува и времето ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, на места во форма на невреме со интензивен дожд за кратко време, силен ветер, поинтензивни електрични празнења и услови за појава на град, конкретно за следната недела, додаваат синоптичарите.

Според синоптичарите, месецов ќе биде значително посвеж за разлика од пеколниот јули, кога температурата достигна и над 40 Целзиусови степени.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста