Турканици и гужви пред просториите на МВР во објектот на Македонска телевизија во време на нов бран на ковид зарази. Во колони до недоглед да ги подигнат своите патни исправи, граѓните велат, принудени се да чекаат со часови.

Иако од Алфа се обидовме да добиеме одговори од Министерството за внатрешни работи, засега, оттаму нема никакво објаснување за тоа, на што се должи застојот и долгите редици за издавање на патни исправи.

Се чини за надлежните станува пракса во овој период од годината да биде хаос. Лани ова време на нивна адреса пристигнуваа и по 4000 барања за вадење нови документи, а термини и обрасци за вадење пасоши немаше ни за лек. Тогаш МВР се обиде да се спасува од одговорност продолжувајќи го рокот на важност за истечените пасоши цели 5 месеци.

За лошото менаџирање со службите за издавање лични документи, Министерот Спасовски своевремено зарботи и критика од амбасадата на САД, после скандалот со издадени стотици пасоши со лажни идентитети на нарко-босови и криминалци.

Инаку, дополнителен стрес за граѓаните е фактот што временски е ограничена и употребата на патните исправи со името Македонија, без придавката. Тие ќе можат да се користат само до 12 февруари 2024 година, па вадењето нови за граѓаните ќе е дополнителен трошок кој ќе мора да си го платат од џеб.

Никола Цветкоски

Advertisements