Месото само делумно поевтини, фирмите што поставиле фотоволтаици извисија за поевтина струја

Недоволно поевтинување на месото на стартот на декември. Цените на пилешкото и свинското биле намалени за 5%, а кај телешкото нема никакви промени – велат од Групацијата за производство и преработка на месо. Субвенционирана струја за декември не добија сите месни капацитети. Оние со фотоволтаици, имале системски проблем. За да не добиваат од една страна евтина струја, а од друга да заработуваат од продажба на вишоците сега треба да чекаат ЕСМ и ЕВН да предложат решение. Подготвени биле да ги предаваат вишоците гратис, само за да можат да добијат поевтина струја и да ги поевтинат производите.

„ Од денеска имаме намалување во просек за 5 отсто, пред се кај домашното свежо свинско месо, но сега се усложнија работите и не знаеме до кога тоа ќе трае. Во иднина намалувањето на пилешкото ќе биде и над 5 отсто поевтино, но телешкото засега не“ – вели Гоце Трајчев од Групацијата за месо.

За да можат повеќе да ги поевтинат месото и месните преработки, производителите бараат да се усвои антикризна мерка за ослободување од царина за увоз на замрзнато свинско месо. Мерката која беше на сила 4 години, престана да важи летово. Компаниите сега треба да плаќаат од 19 до 35% на увезената суровина. Тоа ги прави неконкурентни на домашниот пазар, бидејќи готовите производи од увоз влегуваат без царини. Дополнително, Групацијата за месо почна кампања за купување домашни производи.

Тања Попова

Advertisements