Мерки за инфлацијата може да нема, а може и утре да има, рече министерот за економија откако цените се вивнаа до небо

Мерки за инфлацијата може да нема, а може и утре да има. Ваква изјава даде министерот за економија Крешник Бектеши откако цените на производите се вивнаа до небо. Дали навистина ќе има, или не, тоа ќе зависело од направените анализи од Државниот пазарен инспекторат. Компаниите, додава министерот биле против замрзнување на цените. Порачуваат дека државата може да воведе и други мерки, како што е намалувањето на даноците. Дали ќе се случи тоа, министерот не кажа.

  • Мерки за инфлацијата може да нема, а може и утре да има. Треба да имаме конкретни анализи дали неоправданиот раст на цените е кај производителите или е во ланец на трговија, или во производство. За повеќе производи сме зависни од увоз, и во тој дел не може да влијаеме на производни цени. За домашно производство имаме механизми и ги имплементираме: фирмите добиваат милионски суми поддршка од државата за инвестиции. Неприфатливо е да се книжат тие трошоци за инвестиции и да се вградуваат во цената, вели Бектеши.

Во меѓу време, бизнисот и министерот упатија критики за работата на Комисијата за заштита на конкуренцијата, зашто таа од почетокот на КОВИД – кризата до сега, не излегла со ниту една претставка, ниту пак презела конкретна мерка за нечие неетичко однесување во поглед на ценовната политика.

  • Мојот личен став и на Министерството за економија го знаете кога се случуваат вакви неконтролирани зголемувања кои не се основани. Ако има здружение на одредени сектори, јас сум за да се оди и на Законот за заштита на потрошувачите каде што се предвидени поригорозни мерки од прекршочните кои се хармонизирани со Законот за прекршоци, а таму знаете кои се ригорозните мерки. Таму има и забрана за вршење на дејност, потсети министерот. 

Од Стопанската комора на Северозападна велат дека стопанството е секогаш за слободен пазар, и тие биле против било какви мерки, зашто Македонија била пазарна економија.

  • Ние сме за слободен пазар. Не се согласуваме со никакви мерки од Владата освен Комисијата за заштита на конкуренцијата да го контролира покачувањето на цените. Слободниот пазар ги дефинира цените. Ние сакаме да се преземаат мерки, но не да се иницира или да се замрзнуваат цените. Има и други методи кои Владата треба да ги преземе као намалување на ДДВ, на даноци, државни резерви, рече Ќира.

Според последните податоци на Државната статистика, живеачката во јули годинава поскапела за 8,4%, во однос на истиот период лани, а платите на граѓаните иако за некој процент беа зголемени, тие пред време им ги „изеде“ инфлацијата.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста