Мерките за штедење струја се промашени и препишани

Мерките за штедење струја на Владата се промашени, а рестрикциите се неизбежни. Исклучувањето на уличното осветлување е вовед во таква состојба. Со препишани мерки од Европа кои слабо можат да се спроведат овде, нема многу да се заштеди на струја. Енергетските аналитичари со критики кон планот за намалување на потрошувачката на електрична енергија. Велат за граѓаните, овие насоки се одамна начин на живот. И во државните институции одредбите за качување по скали наместо користење лифт, принтање само една копија од документ, гаснење на светло и слично тешко можеле да се спроведат.

Со самото тоа што бара намалување на потрошувачката за 15%, владата признава дека државните електрани не можат да произведат доволно – категоричен е Димитров. Ако ЕСМ може да ги исполни ветувањата за домашно производство, мерки за штедење воопшто и би немало. Со вакви мерки немало да се постигне многу. Клучот за справување со енергетската криза бил единствено зголемување на домашното производство. Димитров смета дека треба да се олеснат процедурите за поставување фотоволтаици. На граѓаните да им се овозможи да произведат колку што сакаат и вишоците да ги продаваат. Според него, тоа што Владата отворено не го кажува резервниот план во случај на хаварија, значело дека „Планот Б“ не е ништо друго туку купување скапа струја од странство.

Владата вчера помпезно ги најави мерките за штедење. Граѓаните и фирмите добија само препораки, а државните институции задолженија да ја намалат потрошувачката на струја за 15%. Директорите кои немало да заштедат доволно, ќе биле санкционирани. Никој во владата досега не кажа какви ќе бидат казните. Дадени се насоки и до општините, особено во делот на прекин на уличното осветлување на секоја втора улица наизменично во период од први септември до крајот на март наредната година.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста