Мемети предупредува дека се носат закони, но нема реформи

Не може да се подобри правосудниот систем само со промена на закон e ставот на македонскиот правобранител Иџет Мемети кој смета дека во државава се носат закони без анализа и начин за примена на истите. Омбудсманот, за правосудството вели дека треба да е столбот или гарантот на функционирањето на системот. Мемети истекна дека правиме малку напори за суштински да ги подобриме таквите системи.

Колку ние после тоа создаваме услови тој систем или тоа што го зацртуваме во закон да го спроведеме? Никако! Ние само носиме закон, а од друга страна не издвојуваме средства да создадеме услови тој закон да се спроведе, од секаков аспект, од услови на судиите, од квалитет на судиите итн. Сите реформи или надградби на системите како само формално да ги правиме. Има една огромна разлика меѓу тоа што значи реална потреба од реформирање и желбите што ние ги имаме. Не може секој стандард што го гледаш да го прифатиш, а истиот после да ти создава проблеми и да не може да се спроведе, истакна правобранителот.

Меџити е со став – во судскиот систем не се проблем само кадровските решенија, туку и непочитувањето на законите.

Има закон за финансирање на судската власт според кој треба да се издвојат 0,8 проценти од БДП, а ете колку се издвоија таму, не се почитува тој закон, не се издвојуваат ниту 0,3 проценти за тоа. Сакаме добри стандарди, но не сме на тоа ниво, вели Мемети.

Правобранителот испрати и критика до Собранието, каде законите се носат со скратена постапка, што не е исправно особено доколку станува збор за закони со системско значење.

Мери Ѓорѓиевска