Медијацијата како ефикасен начин на вонсудско решавање на споровите

Наместо две па и 10 години лутање во судските лавиринти, скратување на времето на чекање до најмногу два месеца со помош на медијација. Ваквиот алтернативен начин на решавање на споровите на компаниите, заштедува и време и пари.

Бизнисмените се пожалија дека со години чекале решавање на еден спор, за кој на крај биле приморани да се откажат зашто судските и адвокатските троши пораснале неколкукратно. За олеснување на постапката сега предлагаат фирмите да ја применуваат медијацијата во рамки на домашното законодавство. Целта е побрзото и полесно решавање на споровите кои со години се заглавени и тапкаат в место.

Како што појасни Славе Младеновски, претседател на Комората на медијатори постапката за решавање на споровите со медијација според закон може да трае максимум 60 дена.

– Најчесто ниту еден предмет во постапка на медијација не траел повеќе од неколку разговори што ги имале страните во постапка на медијација. Од моментот кога ќе се обрати првата страна иницијатор до медијаторот да се реши предметот течат одредени законски рокови во траење од петнаесет дена за кое што треба втората страна да се изјасни. Технички гледано тие можат да се состанат шеснаесетиот ден и за неколку дена каде ќе ги организира медијаторот на средба, да ги дефинираат своите интереси за наредните ден, два може да се потпише спогодбата и има уште еден ден евентуално за заверка пред нотар доколку страните сакат на документот да му дадат карактер на извршност што значи дека целата процедура од активен ден на медијација не може да трае повеќе од пет дена. Може да се случат во одредени предмети неколку средби, но повторно тие се многу малку, речиси се неспоредливи роковите, потенцира Младеновски.

Комората на медијатори се залага за тоа Македонија да биде лидер во регионот според решени спорови со медијација. Токму затоа, меморандум за соработка денеска потпишаа Сојузот на стопански комори и Комората на медијатори.

Времето во бизнисот и економијата за стопанствениците е еден од најважните фактори, и не секој го има тој луксуз на располагање да може да решава должничко доверителски односи со години.

Според претседателката на Сојузот на стопански комори на Македонија Данела Аровска која се обрати на денешната прес-конференција, компаниите во медијацијата гледаат еден начин како би можеле да ги решат своите спорови на краток рок, без голем број на трошоци со кои сега во овој момент се решаваат споровите.

– Веруваме дека институциите треба да преземат малку поголема одговорност во тоа да ја подигнат свесноста, не само во деловната заедница туку воопшто кај сите дека треба да се анимира пошироката јавност за кое е значењето на медијацијата и зошто таа треба да се користи, не само во секојдневното работење на компаниите, туку и на граѓаните, вели Аровска.

Разликата меѓу медијацијата и редовните спорови е долготрајноста на постапката, времето, а пред се парите. Според списокот објавен на сајтот на Комората и на Министерството за правда, официјално во земјава има 43 медијатори со лиценца.

Борис Грујоски