Медицинска сестра остана без работа и сега се бори за опстанок

Дека вчерашната средба во Кочани на Здружението на сестри, акушерки и стоматолошки сестри на која беше побарано нивната професија да се заштити со ново законско решение на Законот за здравствена заштита, во моментов преплетува безброј судбини и семејни трауми, потврдува и случајот на 56- годишната медицинска сестра Јорднка Петровска од битолско Кравари. Таа има 32 години работен стаж од кои 20 во јавно здравство, последните дванаесет како концесионер во ПЗУ. Меѓутоа, откако лани почина нејзината докторка, остана без работа исто како и мажот и кој заврши како технолошки вишок во друга професија.

  • Од 11 октомври, јас сум без работа на 56 години. Мојата докторка почина на 23 јуни и јас останав без работа како технолошки вишок. Сега сум дома и се прашувам што понатаму. Во Битола сме 8 медицински сестри, кои што сме доста искусни, а на ниво на Македонија сме 50- рече Јорданка Петровска, медицинска сестра.

За жал, измените и дополнувањата на Законот за здравствена заштита заглавени се во парламентарни процедури уште од ланската година.

  • Би требало надлежните институции и ги замолувам и апелирам, да го решат нашиот проблем. Овој закон да биде донесен што поскоро, затоа што не носат на работ на пропаста – рече Петровска.

Оваа проблематика и овие судбини, па дури и на некогаш достоинствената професија – медицинска сестра, далеку се од приоритетите на актуелните политики и Законот во кој Здружението бара сестрите од концесионерското и приватното здравство кои останале без работа, да бидат вратени во јавниот сектор од каде претходно биле пренасочени, неизвесно е кога ќе биде донесен. Дотогаш, Јорданка од Кравари и сите останати, ќе се борат да го пребродат мачното секојдневие во кое полека тонат од турбуленциите на здравствениот систем.

Петар Стефановски