Медиумските работници на протестен марш пред Владата и Собранието
„Вака веќе не може“, „Не се извинуваме за незгодните прашања“, „Навреда кон новинарите е потценување на граѓаните“, „Стоп за агресивниот државен Пи-ар“, „Новинарството на удар ние сме обединети“ – бројни пораки испратија македонските новинарите до Влада и Собранието. Преку протестен марш за одбрана на новинарското достоинство, медиумските работници го изразија незадоволството од нападите врз новинарите и снимателите, навредите и понижувањата од политичарите, нелојалната конкуренција и небезбедните услови во кои работат новинарите. Во организација на Здружението на новинари на Македонија и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, протестниот марш почна пред Владата, каде доставија акциски план со точки, потточки и рокови за реализација за брза и ефикасна имплементација на законите кои ја третираат безбедноста на новинарите, како и поддршка за колегите од внатрешноста на Македонија.
- „Зошто денеска и зошто ќе продолжиме? За новинарството се работи, а работите дури и се влошуваат. Законите важни за медиумите не се спроведуваат, владините функционери имаат потценувачки однос кон новинарите и снимателите, а државниот пи-ар ја зема работата на новинарите снимателите, фоторепортерите, Владата создаде најголема редакција во државата. Државните институции и нивните директори имаат проблем да сфатат дека не е транспарентност кога со денови чекате одговор, а добивате ПР памфлет за објава“ рече Чадиковски – Претседател на ЗНМ.
- „Почитувана влада, безбедна, осигурана, заштитена со закон и на наша завидливост. Чујте ме добро…. Сведоци сме на една атмосфера во јавниот дискурс во која новинарите и медиумските работници се се повеќе шиканирани, напаѓани, навредувани. Тој наратив потекнува од повеќе извори, но за жал забележуваме дека и високи политички функционери си дозволуваат да навредуваат и омаловажуваат. Сметаме дека оваа ситуација мора да сопре. Нападите врз новинарите и медиумските работници се напад врз јавноста, односно врз правото на граѓаните да бидат информирани“ рече Павле Беловски – Претседател на ССНМ.
Медиумските работници велат конечно ги дочекавме измените на Кривичниот закон со кои се предвидува нападот врз новинарите и медиумските работници да се третира како напад врз службено лице, но предупредуваат дека интересот е негова соодветна и доследна примена и токму тоа на крајот ќе се мери. Силни пораки се испратија и до Собранието.
- „И оние малкумина млади луѓе кои се одлучуваат и високото образование да го завршат во оваа област, уште при првото вработување се престројуваат во друга професија, што е поразително за нас. Неопходно е сите претходно истакнати барања и на колегите денеска да се исполнат, за да не се доведеме во ситуација секој нареден собир главно прашање да биде недостатокот на млад и обучен кадар, а долгорочно да остане отворено прашањето кој ќе остане да се занимава со оваа професија во државава“ рече Славица Филиповска Иванова, новинар.
Маршот се организираше и за 77 години од постоењето на Здружението на новинари на Македонија, но медиумските работници порачувааат најмалку што ќе се прави, тоа е прославувањето.
Викторија Миткова