Медиуми од 7 држави воспоставија соработка за известување во областа на градежниот сектор

Весници, ТВ и интернет портали од 7 држави започнаа нов вид соработка за меѓусебно известување за сите новини од областа на градежниот сектор. Медиумската алијанса беше формирана изминатиот викенд на конференција во Кечкемет, Унгарија.

Покровител на конференцијата во Кечкемет беше унгарскиот министер за информатика и технологија, Ласло Палковиќ. Државниот секретар за транспортна политика Ласло Мосочи истакна дека овој вид за соработка е многу значаен за градежниот сектор кој во неговата земја забележал огромен раст од 85% во периодот од 2016 до 2018 година, а неговото учество во БДП било во постојан пораст. За државниот секретар Мосочи ваквиот вид на медиумска соработка овозможува подобро информирање за крупните градежни проекти во разни држави.

“Многу е важно да ги споделуваме информациите, за сите да се информираат за развојот на градежните сектори на земјите блиски до нивните граници – како и оние подалеку. Динамичкиот раст во кој секторот сега се соочува прави неопходни технолошки иновации, кои можат да се искористат во голема мера преку соработка од медиумите од одделни земји” – истакна Мосочи.

По завршувањето на конференцијата, учесниците потпишаа документ со кој беа поставени темелите за натамошна соработка.
Новинарите имаа можност да посетат две градилишта на кои се реализираат најважните и најголемите градежни проекти од областа на високоградбата во Унгарија, изградбата на стадионот „Ференц Пушкаш“ и комплексот „Будапарт“.

Стадионот кој ќе има капацитет да прими 67 илјади гледачи е најголемиот капитален проект во Унгарија кој се гради во моментов. Тој е во финална фаза на градба, а се очекува и официјално да биде пуштен во употреба во ноември 2019. Објектот го градат исклучиво унгарски корпорации. За општите градежни работи се задолжени корпорациите Magyar Építő Corporation и ZÁÉV Corporation, структурните работи ги вршат West Hungária Bau Ltd. и корпорацијата Épkar, челичната конструкција ја изработува KÉSZ Ltd, а за техничкиот надзор се задолжени Óbuda Group и Főber Corporation.

„Будапарт“, пак, треба да претставува новиот градски кварт во Будимпешта. Се протега на земјиште од 53 хектари на кое се гради во 6 фази. На продажба се нудат вкупно 600 илјади квадратни метри канцелариски и резиденцијален простор. Просечната цена изнесува 3.000 евра за метар квадратен станбен простор.