МВР има замаглен вид за Голема Албанија, но за сонцето од Кутлеш погледот им е изострен како на сокол
На ова видео и фотографија што ги сподели градоначалникот Билал Касами јасно се гледа кој е човекот кој со веењето на знамето на Голема Албанија го прекрши законот и ја разгневи целата јавност. Но изгледа за МВР овој човек како да пропадна во земја. По цели шест дена полицијата не може да го најде. Тврдат дека не може да го идентификуваат и се уште трагаат по него.
МВР продолжува со потрага по лицето кое на една од манифестациите вееше знаме на голема Албанија и по негово пронаоѓање против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава, велат од СВР Тетово.
Додека на полицијата и е тешко да го идентификува вејачот и покрај видео записот, за истакнување на Македонски симболи, како сонцето од Кутлеш имаат око како сокол. Па така експресно го најдоа Адвокатот Тони Менкиноски и го дадоа на суд за нарушување на јавен ред и мир бидејќи го вееше старото македонско знаме лани на Водици.
Но, полицијата и во други случаи има изострен вид. Па експресно можеше да ги лоцира протестантите што лани пред Собранието го изразија својот револт против францускиот предлог иако имаа на себе навлечените качулки.
Уште побрутална беше полицијата во времето на короната на која и пречење заштитната маска со сонцето од Кутлеш.
Пред две години, навивач на Вардар заработи прекршочна за нарушување на јавен ред и мир зошто го веел знамето со Кутлеш за прославата на освојувањето на втората европска титула на Вардар, која се одржа пред Собранието.
Во однос на македонските обележја, институциите брзо реагираат. Веднаш по потпишувањето на Преспанскиот договор, локалните власти ширум Македонија наредија брусење на Сонцето од Кутлеш од секое јавно место.
Паула Костадиноска