НАЈНОВИ ВЕСТИ

Мајската инфлација е 11,6 проценти на годишно ниво


Инфлацијата, во мај во споредба со истиот период лани изнесува 11,6% на годишно ниво. Податоците ги обелодени Државниот завод за статистика според кого на месечно ниво има мал раст на трошоците за живот од само 0,4 процененти.

Статистичарите евидентираа дека има месечно намалување на трошоците за маслото и маснотиите за 2,4 проценти, на млекото за 1,6 проценти, и на лебот и житатата за 0,7 проценти. Пораст на индексите на трошоците на животот во мај 2023 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај свежиот и разладениот зеленчук, освен компирите и другите коренести плодови за 13,3 проценти, свежото и разладеното овошје за 8,5 проценти, рибата и морските плодови за 1,6 проценти, жестоките пијалаци за 0,8 проценти, сирењето и урдата за 0,5 проценти, месото за 0,4 , кафето, чајот, какаото, минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук, виното за 0,3, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи, пивото за 0,2 проценти.


Додека инфлацијата се мери според меѓународен стандард, како трошок за лична потрошувачка по намена, државниот завод за статистика мери и движење на цени на мало. Според овој податок , цените на мало во мај во однос на ланскиот мај се зголемиле за 7,5 проценти, а на мај во однос на април се намалиле за 0,9 проценти. Притоа, годишниот раст на цените на прехранбените производи е 12,7 проценти.